Тим Кук педантно пресметал дека и покрај тоа што 10-ката е најскапиот телефон во историјата на Епл, ако ја разложиш цената доаѓаш до тоа дека Ајфонот на рати чини колку секој ден да пиеш едно кафе, од скапите.
Математиката е следна: во САД, ако го земаш телефонот преку програмата на Епл за апгредј, тој ќе те чини 56 долари месечно, што е нешто помалку од 2 долара на ден. Она што не држи, во муабетот на Кук е дека тој може истото да го каже и ако Ајфонот има цена од 2.000 долари, што ќе му дојде нешто помалку од 4 долари на ден, што е цена мало лате во Њујорк.
Кук исто така објасни дека цената е одраз на квалитетот на деловите што ги користат во самиот производ „ние не гледаме да ја наплатиме највисоката цена што можеме да ја постигнеме или нешто такво, само гледаме да го наплатиме она што можеме да го испорачаме.“
Во 2007-ма кога излезе првиот Ајфон, Стив Балмер со неверување го исмеваше новиот телефон кој тогаш се продаваше по цена од 500 долари со договор.
Последната проценка е дека кога Ајфон бизнисот на Епл би бил посебна компанија, таа би била 12-то место на Форчун топ 100 листата.