Планот бил Зеленска и Навалнаја да бидат седнати до првата дама на САД Џил Бајден, што требало да го симболизира отпорот кон рускиот претседател Путин.
Ова не го зема предвид проблематичниот статус на починатиот Навални во Украина, кој во минатото порачува дека Крим и припаѓа на Русија. Тој подоцна ги менува своите ставови и дава поддршка на границите на Украина од 1991, меѓутоа голем дел од украинскиот народ и понатаму е скептичен кон него.
„Иако на Западот отсекогаш сме го сметале за некој кој јуначки и храбро се бори против Путин, во Украина, Навални се смета за човек кој размислува во иста линија со рускиот национализам и империјализам.
Навални секако беше против целосната инвазија на Украина, но во 2014 кога Русија прв пат изврши инвазија на Украина, тој се порамни со генералниот руски став дека Крим е дел од руските историски територии,“ објаснува претседателката на вашингтонскиот Центар за анализа на европски политики, Алина Полјакова.
Од Белата куќа одбивањето на Зеленска го објаснуваат како проблем со преклопување на распоредот, и порачале за повеќе да се обратат во нејзината канцеларија. Од таму одговориле дека првата дама за дента веќе имала закажани настани, „вклучително и посета на Киев со деца без родители“.
Вашингтон пост пишува дека една од причините за недоаѓање на Олена е и што Киев сака полека да се оддалечи од перцепцијата дека помошта на Украина е поврзана само со Бајден и соработката со САД да не биде сведена на партиски линии.
Присуство на говорот на Бајден одбила и Јулија, со објаснување дека била преморена од сите активности што ги имала периодов, посебно ако се има предвид дека нејзиниот сопруг почина пред неполни две седмици.