Анализата што ја пренесува Вол стрит журнал покажала дека сега Иран сам почнал да ги реплицира деловите за дронови кои некогаш биле купувани од странство.
„Иранска компанија изгледа развила способност да ископира два дела кои се користат во дроновите а кои порано доаѓаа од јапонски производители на електроника,“ го пренесува Вол стрит журнал заклучокот на британскиот КАР (Conflict Armament Research) кој ги проучува дроновите во Украина.
Ова е прв пат западни експерти да најдат делови во иранските дронови произведени од иранската компанија Сармад електроникс Сепахан, која инаку не е списокот санкционирани ирански компании.
КАР добиваат ирански Мохаџир-6 дрон запленет од Украина и на него откриваат дека сервомоторот на дронот изгледа како иранска копија на истиот мотор што го добиваа од Тонегава Сеико, јапонска компанија која неколку пати беше обвинета за испорака на сервомотори на Иран. Процената е дека по притисокот направен врз Тонегава Сеико, Иран морал да почне со домашно производство.
Испитувањето на запленет Шахид-131 дрон пак открило вентил за контрола на течности произведен од ирански Сармад, кој бил копија на вентилот што го произведува јапонската компанија Овал.
Истрагата на КАР покажала дека Сармад е основан некаде во средината на 1990-те од луѓе кои немаат очигледна врска со иранската војска и разузнавање. Нивната процена е дека „ова станува доходовно поле за помали приватни компании, а иранското производство на дронови е толку отпорно на санкции бидејќи е диверзификувано.“
Официјално Иран не признава дека ја снабдува Русија со дроновите самоубијци, појаснувајќи дека сите ирански дронови што ги користи руската армија се испорачани пред конфликтот. Украина тврди дека Русија лансирала над 1.000 ирански дронови во изминатата година. Иако тие главно успеваат да ги елиминираат дроновите, нападите придонесуваат украинската ПВО константно да е под притисок.
Проблем со дополнителни санкции е што иранските дронови користат доста делови кои се комерцијално достапни (чипови, камери, мотор, ГПС), па нивната испорака не може да се сосече во корен.
Вол стрит журнал објаснува дека деловите произведени од ирански компании се прилично лесни за копирање, а земјата и понатаму зависи од американски, азиски и европски компании за производство на пософистицирани електронски компоненти.