Украина убива руски генерали со помош на американско разузнавање

Меѓу разузнавачките информации со кои САД ја преплавуваат украинската војска посебно место имаат дојавите за руските генерали. Украинските власти тврдат дека до сега убиле отприлика 12 руски генерали.

Се работи за разузнавачките податоци кои американските власти во реално време ги споделуваат со Украинците. Тие главно се однесуваат на очекувано движење на руските сили, потенцијалните планови, новите позиции на Русите и точни координати за гаѓање.

Информациите за генералите се комбинација од ловење на локацијата на мобилните штабови на руската војска и пресретната комуникација меѓу високи руски офицери од страна на украинската војска.

Тајмс пренесува изјава на американски воени функционери, според кои дел од вината паѓа и на руските генерали „кои често пати се оставаат себе си ранливи на електронско прислушување со тоа што не користат безбедни телефони или радио-станици“.

„Ова покажува слаба дисциплина, немање искуство, ароганција и неможност да се ценат украинските капацитети.

Не е тешко да се гео-лоцира некој што на отворено зборува на телефон,“ објаснува поранешниот американски командант во Европа, Фредерик Хоџес.

И покрај ваквите тврдења американската администрација на Украинците им испорачува оружје кое може да се користи за идентификување и убиство на поединци, како помалата верзија на Свичблејд дронот, кој би можел да идентификува и егзекутира генерал што седи во возило.

Американците почнаа со споделување податоци пред почетокот на инвазијата, па тие уште пред 24 февруари им пренесоа на украинските власти за планот на Русите за освојување на Хостомел аеродромот на север од Киев.

Њујорк тајмс пишува дека и покрај размената, американската администрација главно се воздржува од споделување на уште повеќе разузнавачки информации што ги има за руската војска од страв дека тоа ќе се смета за провокација и ќе ескалира во поширока војна.

По објавувањето на текстот во Тајмс, портпаролката на американскиот Совет за национална безбедност, Адриен Вотсон, изјавила дека разузнавачките информации од фронтот не им се испорачуваат на Украинците „со намера да убиваат руски генерали“.             

6 мај 2022 - 15:03