Трамп почна со гасење на УСАИД

Иако се уште нема моќ целосно да ја збрише УСАИД, Трамп издаде наредба сите вработени на агенцијата во и вон Соединетите држави да бидат ставени на административно отсуство.

фото: ЕПА

Одлуката важи веднаш, а оние што работат вон САД имаат рок до 30 дена да се спакуваат каде и да се и да се вратат назад. Исклучоци ќе има само за раководството на УСАИД и луѓе одговорни за критични функции на агенцијата.

УСАИД има околу 10.000 директни вработени, не броејќи ги десетиците илјади луѓе локален персонал што ги ангажира на своите мисии низ светот. Од овие 10.000 речиси две-третини се распоредени вон САД.

Бидејќи се работи за луѓе кои со цели семејства се преселени надвор од САД, кои со години имаат живот во странските држави и не можат така брзо да се вратат назад (училиште, лични или семејни здравствени проблеми, бременост), се очекува дека за дел од вработени рокот за враќање ќе биде продолжен. Ова не важи и за локалците ангажирани од Агенцијата на кои инстантно им завршува ангажманот.

Агенцијата задолжена за делење на американската помош за странство (во 2023 располага со повеќе од половина од 72 милијарди долари американска помош) е оформена со одлука на американскиот Конгрес, заради што Трамп не може сам да нареди нејзино затворање, туку мора да чека одлука од Конгресот.

УСАИД е и една од главните мети на Одделот за владина ефикасност на Илон Маск, чија задача е да се намалат трошоците на државата. Маск има и идеолошки проблем со агенцијата која ја нарече „змиско гнездо на радикално-левичарски марксисти кои ја мразат Америка.“

5 февруари 2025 - 10:59