"Ги лекуваме, а потоа тие одат и им сечат глави на луѓе. Мака ми е од лекување на ранети ИСИС милитанти," напишала анонимната болничарка Е.Г. во писмото што го објавува весникот Тараф, а кое го добија парламентот и полицијата.
Весникот пишува и за други здравствени работници во Мерсин и останатите провинции во близина на границата со Сирија, на кои не им е сеедно што треба да им помагаат на милитантите.
Во писмото Е.Г. објаснува дека долго време е вработена во приватна болница во Мерсин, и дека посебно во изминатата година имаат голем број ранети Сиријци, кои постојано се претставуваат себе си како "опозициски членови." Во последно време голем број од ранетите признаваат дека се членови на ИСИЛ.
"Бев крајно вознемирена од ова. Многу жалам заради оваа ситуација. Потресена сум од фактот дека ги лекуваме овие луѓе во нашите болници, додека нашите луѓе се нивни заложници," напишала Е.Г.
ИСИС во изминатите три месеци како заложници чува 46 Турци.
"Командантот на ИСИС Мухамед Али Р. кој беше примен во нашата болница на 7-ми август беше лекуван во соба 323. Голем број од неговите телохранители стражареа околу болницата. Голем број на други команданти и војници на ИСИС се лекувани во нашата болница, и се враќаат во војната по крајот на третманот. Не сакам да им помагам на овие луѓе. Сакам да направите инспекција во болниците. Им се обраќам на сопствениците на болниците и на менаџментот да се свртат малку кон Бога," порачува Е.Г.