Во неделата бројот на смртни случаи од ковид-19 во Шведска достигна 1.540 луѓе. Ова е значително повеќе од бројот во остатокот од Скандинавија, кој е под клуч, но и значително помалку од Италија, Шпанија и Британија, кои исто така се под клуч.
Самите експерти предупредуваат дека се уште е рано да се вадат конечни заклучоци, но повторуваат дека за целиот овој период додека светот е под клуч во Шведска работите се стабилни.
Нормално, освен што шведските власти имаат работа со Швеѓани, успехот на нивниот пристап се базира и на тоа што располагаат со еден од најдобрите здравствени системи во светот, кој во ниту еден момент до сега не пројави недостаток на медицинска опрема или болнички капацитети, а дополнителните шатор болници за итна нега поставени низ земјата главно останаа сосема празни.
Тоа што се покажа како слаба страна во целиот систем беа шведските домови за стари лица, кои значително придонесоа земјата да има поголема стапка на смртност отколку соседните држави. Ова пред две недели ја натера владата да преиспита дел од својата стратегија, но не и да преземе построги мерки.
Заради вака нестандардната либералност (за овие времиња) и Волво одлучи од понеделникот да го продолжи производството во своите фабрики во Шведска.
ЦЕО-то на Волво, Хакан Самуелсон, во врска со стартувањето на погоните, изјави:
„Сите наши мерки се базирани на тоа поединците да преземат одговорност, што исто така е важен дел од шведскиот модел.“
Тоа што не кренаа рачна, исто така значи дека шведската економија ќе има помал пад отколку остатокот од Европа. Како што објаснуваат аналитичарите од ХСБЦ банката, Шведска има одредени карактеристики кои и помагаат да се справи со сегашната криза:
- Половина од домаќинствата се со еден човек, што го олеснува социјалното дистанцирање.
- Повеќе луѓе работат од дома отколку каде било во Европа.
- Сите имаат пристап до брз интернет што помага големи делови од работната сила да бидат продуктивни и кога не се во канцеларија.
Делот во кој самите Швеѓани крајно помагаат е што ги следат правилата за дистанцирање без никој да им се заканува со марици, казни и глоби. Па така патувањата од Стокхолм до Готланд (една од најпопуларните туристички локации) за време на велигденскиот викенд е падната за 96%. Друга статистика покажала дека движењето низ Стокхолм е намалено за 75%.
Според архитектот на шведската стратегија, државниот епидемиолог Андрес Тегнел, земјата моментално го достигнала платото на вирусот.