„Ова е нормална рутинска работа. Конкретниот човек е турски граѓанин и е обвинет во Турција за измама во 2013 и 2016.
Врховниот суд го истражи случајот како и вообичаено и заклучи дека нема пречки тој да биде екстрадиран,“ изјавил шведскиот министер за правда, Морган Јохансон.
Од министерството одбиваат да кажат дали човекот бил на списокот на луѓе што Турција ги бара да бидат екстрадирани. Човекот е осуден на 14 години затвор за измами со картички, а тој тврди дека казната му е затоа што сменил вера и станал христијанин, одбил да служи војска и има курдско потекло.
Доколку излезе дека го има на списокот, тоа би било мамутска победа на Ердоган против НАТО и шведските ветувања (и самозалажувања) дека никого нема да му испорачаат на Ердоган за да биде суден во Турција.
Уште кога прв пат се спомена идејата за влегување на Шведска и Финска во НАТО, Ердоган порача дека никој никаде нема да влезе се додека скандинавските држави не почнат да ги екстрадираат луѓето што Турција ги бара по различни прекршоци.
На самитот на НАТО во Мадрид Ердоган отиде решен дека ќе стави вето на приемот на скандинавските држави, за по неколкучасовни преговори двете страни да објават дека се договориле.
По самитот Турција им испрати листа на Скандинавците, по име и презиме, кои се луѓе сакаат да им ги испорачаат назад во Анкара. Главно се работи за Курди од Курдистанската работничка партија и припадници на движењето на Ѓулен.
Пред некое време Турција се пожали дека Шведска не си ја сфатила сериозно работата на списокот.