Турција порача дека е подготвена да го одложи шведското и финското членство и за повеќе од една година, доколку двете нордиски држави не дадат гаранции како што треба дека ќе се справат со курдските групи (по турско - терористи) што се на нивна територија.
Турците ги обвинуваат Скандинавците дека засолнуваат припадници на Курдистанската работничка партија (ПКК), која од Турција, САД и ЕУ се води како терористичка организација, и дека во 2019 двете држави одлучиле да го забранат извозот на оружје на Анкара заради турската воена операција во Сирија.
„Ова е прашање на витален национален интерес и ние сме подготвени да го блокираме нивното членство и за една година ако тоа е неопходно.
Турција ја има втората по големина армија во НАТО и ја снабдува Украина со дронови за да може да се одбрани.
Ние заслужуваме поголема почит,“ изјавил пратеникот на Партијата за правда и развој, Акиф Чагатај Килич, инаку претседател на комисијата на надворешни работи на турскиот парламент.
Тој порачал дека Турција ги почитувала своите должности и одговорности кон алијансата, па продолжил:
„А Шведска и Финска што ќе прават? Тие засолнуваат терористички организации што убиваат мој народ, што не ги почитуваат моите граници, претставуваат животна закана за мојата држава.
Единствената работа што ја бараме е да нема исклучоци. Терористичка организација е терористичка организација.“
На обвинувањата дека целата галама е само за да се разгори национализмот пред претстојните избори, Килич порачал дека не-курдските опозициски партии го поддржуваат овој став на претседателот Ердоган.
Пред некое време и Столтенберг призна дека и покрај напорите, посебно од Шведска, шансите на итен прием на двете држави во НАТО полека избледуваат. Неодамна Шведска објави план за борба против тероризмот и како да се почне со испорака на оружје во Турција, кој не смени многу во ставот на Анкара.