"Ел Чапо" Гузман првиот човек на Синалоа нарко-картелот, уште од почетокот на векот е една од главните мети на полицијата, пред се заради тоа колку е добар во својата работа. Тој кариерата ја посветува на претворањето на Синалоа картелот во најефикасниот нарко-бизнис на светот, кој има приходи од милијарди долари, на ниво на најголемите светски корпорации. Создава и синџир на снабдување за чија вештина го споредуваат со умешноста на најдобрите корпорациски ЦЕО-а.
"Токму заради ова ниво на софистицираност експертите предвидуваат дека Синалоа ќе го преживее апсењето на својот водач; ако Гузман е Стив Џобс на кокаинот, тој веројатно има некој свој Тим Кук кој треба да го заземе неговото место. Можеби уште позагрижувачки се претходните искуства - кога по апсењето и уништувањето на најголемите, најдобро организираните нарко-бизниси, помалите и понасилни групи се појавија на нивно место, најчесто предводени од замениците кои сега се борат за територијата на својот поранешен лидер," пишува Тим Фернхолз за Кварц.
Тој ја прави споредбата со сите досегашни успеси на американската армија и сојузниците во наоѓањето и елиминирањето на водачите и оперативците на Ал-Каеда: "Иако овие напади ја деградираа терористичката група како ефикасна организација, тие не ја елиминираа идеологијата и причината за нејзиното постоење. Уште помоќна мотивација од идеологијата се парите, а апсењето на Гузман нема да го промени фактот дека цената на кокаинот во САД е 50 пати повисока од цената на неговото производство во Централна и Јужна Америка."