Во зависност какви реакции сака да предизвика, рускиот краен десничар и краен егзибиционист Владимир Жириновски знае лесно да ја менува песната па еднаш да биде кловн на Кремљ а другпат лут опозиционер, пишува Дејли Бист кој направил интервју со 70 годишниот лидер на руската ЛДП. Позиција која некогаш му се припишуваше на Шешељ во однос на Милошевиќ.
Во последно време е ова второто и сака да се бори со корупцијата и криминалот.
"Ако никој, од директор на бања па до полициски генерал нема врска со организираниот криминал, тогаш ќе немаме корупција", заклучил долгогодишниот член на Думата најавувајќи некаква борба со корупцијата во обвинителствата, полицијата и ФСБ (наследничката на КГБ).
Медиумот потсетува дека ако Жириновски за Американците е рускиот Трамп тогаш вториов за Русите е американскиот Жириновски.
Се запознале тие двајца пред 12 години и тоа било љубов на прв поглед.
"Тој човек ми е некако близок," признава Жириновски.
А како да не му биде. Жириновски уште пред 4 години се залагаше за подигнување бодликава жица кон северен Кавказ. И викаше дека сè додека мајките од Кавказот раѓаат по 7 деца, тероризмот не може да биде победен. А пред некоја година описно го претстави рускиот напад на САД.
"Еден ден Американците ќе се разбудат и ќе ја немаат Белата куќа а целата земја ќе им ја покрие снег".
За политичката иднина на Трамп ќе се чека ноември, а како проаѓа Жириновски меѓу Русите ќе се знае за две недели кога се закажани избори за Думата.