Руското министерство за одбрана се уште не ја коментира веста, а Суровикин не е виден во јавност од саботата, кога се случи вооружениот марш на Москва на групата Вагнер.
Веста ја објавува Москва тајмс, која пренесува два извора блиски на руската одбрана, според кои апсењето е во врска со Пригожин, бидејќи Суровикин наводно „ја избрал страната на Пригожин за време на бунтот“.
Слична вест објави и рускиот воен блогер, Владимир Романов, според кого Суровикин е уапсен уште во неделата. Блогерот тврди дека генералот го држат во притвор во московскиот затвор Лефортово.
Во вторникот Њујорк тајмс пренесе изјава на неименуван американски функционер според кого Суровикин имал претходно знаење за планот на Пригожин да крене бунт против рускиот воен врв.
Суровикин беше командант на руската војска во Украина од октомври 2022 до јануари 2023, по што беше заменет од првиот човек на рускиот генералштаб Валериј Герасимов. Една од најосудуваните одлуки на Суровикин беше да се повлече од Херсон откако утврди дека градот не може да биде одбранет и дека џабе ќе гинат луѓе.
Во саботата, уште пред Вагнер да стигнат до Ростов, Суровикин беше еден од првите што преку видео порака ги повика борците на Вагнер да го прекинат маршот и да се вратат во своите кампови.