Прво снема млеко па путер па кафе па пченкарно брашно а сега, главен проблем на луѓето од Венецуела е да најдат тоалетна хартија.
"Имам 71 година и ете што доживеав," рекол за CBS еден дедо среќно држејќи ролна која успеал да ја најде. "Две недели барам хартија по сите дуќани," рекла друга Венецуелка.
Револуционерната власт за овој недостаток ги обвини душманите на земјата по вообичаената формула: анти-владини сили во спрега со приватниот капитал предизвикуваат недостаток кој со помош на медиумско пумпање треба да резултира со паника која ќе ја дестабилизира владата.
Од друга страна, економистите велат дека ситуацијата е јасна исто како некогаш во Советскиот Сојуз: државното регулирање на цените, често одредено под пазарната вредност заради мир во куќата, секогаш доведува до вакви аномалии.
"Револуцијата интервентно ќе увезе 50 милиони ролни тоалетна хартија за граѓаните да можат да бидат спокојни," изјави министерот за трговија во Владата на Мадуро, човекот кој неодамна тесно го победи опозициониот кандидат Енрике Каприљес, обезбедувајќи идеолошки континуитет со владеењето на покојниот Хуго Чавез.