Радикален ребрендинг

Озлогласениот муслимански клерик Абу Хамза кој со самата појава изгледа како некој со кого нејќеш да си имаш работа (има изгубено око, наместо рака го знаеме со кука), планира својот некогашен знак за препознавање да го замени со нешто поцивилно.

Абу Хамза кој во САД чека обвиненија за 11 септември најверојатно ќе ја замени својата дифолтна кука со тн спорк – прибор за јадење кој е мешавина од виљушка и лажица. Поради безбедносни причини, куката му беше одземена од затворските служби.

54 годишниот радикален проповедник кој по долго натегање беше екстрадиран од Велика Британија со месеци преку адвокатите се жалел на немањето протеза и барал замена бидејќи не може ни да менува топла/ладна вода, ни да јаде ни да користи веце.

Судењето се очекува дури наредната година а обвинителството вели дека е само на половина пат од комплетирање на доказите - досега прегледале 3,240 аудио касети, 670 видеа, 619 компјутерски дискови и 340 ДВД-а.

Хамза има египетско потекло и се соочува со серија обвинувања, од киднапирања во Јемен до планови за етаблирање терористички кампови во САД. Застрашувачкиот изглед го должи на несреќа од експлозија во Авганистан кога го губи окото и двете раце за подоцна на десната да ја монтира својата препознатлива кука.

12 март 2013 - 15:20