Наспроти секој можен воспоставен и практикуван протокол Трамп комплетно сам, без присуство на ниту едно американско официјално лице, се видел Путин. Средбата се случува кога лидерите на Г20 државите и нивните сопрузи/сопруги, го напуштаат настанот во Колон театарот во главниот град на Аргентина. Трамп бил со Меланија, Путин, како ерген, само со својот преведувач.
За Белата куќа средбата е само една од неколку „неформални“ разговори што Трамп ги има вечерта со неговите колеги. Кратко пред ова Трамп ги откажа билатералните разговори со Путин како реакција на судирот меѓу руските и украинските бродови во ноември минатата година.
Настанот е потврден и од Кремљ, од каде соопштуваат дека двајцата разговарале околу 15 минути за голем број прашања од надворешната политика, како и тоа кога би можеле да имаат формална средба. Во Буенос Аирес Трамп објаснил дека во тој момент е невозможно да закаже состанок со Путин, на што рускиот лидер одговорил дека „не се брза“, и му оставил отворено на Трамп да се сретнат кога ќе може.
На американските медиуми, како и аналитичари, им се крена коса од ваквата информација, и посебно затоа што на нејзе нема присуствувано ниту едно друго лице од САД, освен Трамп. Сето ова време тие стравуваат од, сега веќе издигнати на речиси митско ниво, моќите на Путин да го изманипулира Трамп во разговор 1 на 1.
Руски функционер информиран околу состанокот објаснува дека тоа што Трамп со себе немал советници или преведувачи е резултат на „различен систем“ по кој работи Белата куќа, во споредба со рускиот.
„Кога Путин е некаде, неговите луѓе се таму: секогаш. Во секој еден момент има некој со него, се додека не отиде во кревет. Кај Американците е поразлично. Има советници, помошници, и тие не се секогаш околу него кога нема некој официјален состанок,“ ја пренесува Фајненшл тајмс изјавата на рускиот функционер.