Приказната за Пинк Пантерите

До сега имаат украдено над 330 милиони евра во дијаманти и накит, а сите кражби им се идентични, добро облечени крадци влегуваат во златари во групи од двајца до петмина и напуштаат неколку минути пред да дојде полицијата.

Најголем дел од кражбите следуваат откако локациите се извидуваат во период од неколку недели, во кој групата анализира каде се чуваат најскапите парчиња накит. Потоа напаѓаат. Двајца од групата им се закануваат на вработените, додека останатите грабаат колку е можно повеќе накит.

Бегството однапред е студирано, и тие веќе ја имаат пресметано далечината на најблиската полициска станица. При самиот почеток на грабежот оставаат актовка на влезната врата за да спречат таа да се затвори кога ќе го вклучат алармот.

Методите секогаш се различно креативни. Во Рим атрактивна жена беше во врска со синот на еден златар за да дознае каде е скриено највредното парче накит. Во Дубаи со украдено Ауди А8 влетаа во излогот на една златара и ја испразнија целата за 2 минути. Во Токио еден од крадците извади парче хартија на која почна да пишува нешто, во моментот кога вработениот се наведна да види, тој го испрска со солзавец. Во исто време неговиот партнер со чекан го скрши излогот и грабна ѓердан од 24 милиони евра и дијаманти.

Бегствата исто така секогаш се различни, во Токио тие беа на мотор, во Дубаи крадците пешки си заминаа распрскувајќи се во различни правци, во Сен Тропе избегаа со глисер.

Луѓето од Интерпол до сега успеале да уапсат десетици "потрчковци" на бандата, за кои се карактеристични две работи: прво, не кажуваат ништо за луѓе што се над нив во хиерархијата, и второ, речиси сите се од поранешна Југославија.

Во сторијата на Зиддојче цајтунг, се наведува извор од Црна Гора, Филип, кој е поранешен член на Пантерите, а сега е пензиониран во Цетиње.

"Групата го продава пленот на посредник за 15% од пазарната вредност. Групата на Филип работела по претходни наредби, парчињата биле однапред продадени, а кражбите најчесто биле договарани со сопствениците на продавниците, што резултирало со исплата на осигурување за сопствениците и продажба на пленот на црниот пазар. По грабежите, пленот најчесто бил оставан во корпа за ѓубре во чија близина чекал посредникот, често пати облечен како вработен во јавна хигиена," пишува Зиддојче цајтунг.

Меѓу техниките за бегање биле носење на преголема облека и бричење на задното седиште од автомобилот за бегство.

"Влегува дебел маж со брада, излегува избричен слаб маж. Ние сме секогаш пред нив," објаснува Филип за полицијата и криењето од нив, кој решил да зборува со новинарите само заради тоа што во последно време се објавуваат премногу глупости за Пинк Пантер групата.

24 јуни 2013 - 20:16