Армијата која моментално по бројност е втора во Европа (по Франција) а по својата воена сила е рангирана како 9-та во светот, ќе се засили со нови 14.300 војници и 4.400 цивили во нејзина служба. Добар дела од новите сили ќе бидат увежбувани за сајбер и други видови современи војувања.
Претходно беше најавено дека од 34,2 милијарди евра, воениот буџет на Германија ќе биде зголемен на 39,2 милијарди.
Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен индиректно потврди дека ваквата одлука има врска со новонастанатите гео-политички ситуации: мигрантскиот бран, војната во Сирија, кризата во Украина и затегнатите односи меѓу Запад и Русија.
Со оваа одлука ќе биде пробиен лимитот од 185.000 војници кој Германија сама си го зададе пред пет години.
Сепак, Бундесверот е далеку од некогашните бројки. Во врвот на Студената војна и хистеричниот страв од руска агресија тој своевремено броеше 670.000 лица под оружје. Денес имаат 177.000 војници и 87.000 цивили во Армијата.
Интересно е што Германците денес не гледаат закана во Русија и се надеваат на симнување на санкциите за да можат повторно да прават бизнис. 56% од Германците не ги поддржуваат санкциите наметнати кон Русија а уште поголем е процентот на оние кои се спротивставуваат на идејата германските војници да ја бранат Полска и Балтикот во случај на руска интервенција.