Половина година Америка позајмува 50 милијарди долари НЕДЕЛНО

САД забрзано тонат во должничка спирала. Од почетокот на буџетската година во октомври, федералниот дефицит на САД се зголемил за 1.000 милијарди долари. Само во февруари владата позајмила 308 милијарди долари, предупредува Канцеларијата за буџет. На ова се надоврзува и цената на војната против Иран, која цица по 1 милијарда секој ден.

Задолжувањето ги крева и сумите што САД мора да ги платат за камати. Од октомври 2025 година (кога почна фискалната 2026 година) па до крајот на февруари Министерството за финансии потрошило 433 милијарди долари за сервисирање на јавниот долг, кој сега се приближува до 38.900 милијарди долари. На камати биле потрошени 31 милијарда повеќе во споредба со истиот период претходната година. 

И покрај огромните суми, Канцеларијата за буџет оценува дека дефицитот всушност е подобрување во однос на ланското задолжување за 142 милијарди долари. 

Ова „подобрување“ не ги смирува буџетските јастреби кои бараат фискална стабилизација. Тие предупредуваат дека обврските за камати на долгот ќе надминат 1.000 милијарди долари оваа година и ќе се дуплираат на 2.000 милијарди до 2036 година.

Ова не може да биде одржливо. Нашите фискални проблеми нема сами да се решат. Потребно е креаторите на политиките да се согласат и да ги намалат дефицитите. Целта од 3% дефицит во однос на БДП би била одличен почеток. Тоа ќе го постави националниот долг на опаѓачки одржлив пат, предупредува Маја МекГиниас, претседателка на Комитетот за одговорен федерален буџет.

Во изминатите неколку години дефицитот во однос на БДП се движеше помеѓу 5% и 6%.

Војната што претседателот Доналд Трамп ја почна против Иран значително ќе ја влоши должничката криза. Според Центарот за стратешки и меѓународни студии, кампањата чини 891,4 милиони долари секој ден. Само во првите 100 часа од војната САД потрошиле 3,7 милијарди долари од државната каса. Воздушните операции чинат 30 милиони долари дневно, а поморските уште 15 милиони на ден. Одржувањето група на носач на авиони чини 6 милиони долари.

Експертите се принудени да изработуваат различни макроекономски проценки и стратегии, бидејќи Доналд Трамп не претставил јасна цел како и кога војната ќе заврши.

Аналитичарот Кент Сметерс предвидува дека војна од два месеца би можела да ги чини даночните обврзници до 95 милијарди долари, во зависност од распоредувањето на војниците и надополнувањето на муницијата.

На пресметките влијае и неизвесната цена на нафтата. Ако војната продолжи неколку месеци, цените би можеле да скокнат на 130 долари за барел. Ако во тек од една година се дуплираат поради шокови во понудата, „Морган Стенли“ проценува дека тоа би можело да намали 1,5% од реалниот раст на БДП на САД.

Ова сценарио би создало „шок од неизвесност“ - би ги замрзнало инвестициите, би ги запрело вработувањата и би ги принудило домаќинствата драматично да ги намалат трошоците.

12 март 2026 - 11:32