По најавата дека деновиве државниот секретар Џон Кери треба да се сретне со рускиот претседател, противниците на планот за зголемена координација порачаа дека ќе лобираат за што е можно помалку споделување информации со Русите.
Дејли бист ја пренесува изјавата на двајца функционери од одбраната, според кои на Русите не може да им се верува дека ќе го испочитуваат договорот, и дека веруваат дека Москва со тек на време ќе го злоупотреби договорот во корист на засилување на режимот, и слабеење на сириската опозиција.
Негодувањето на Американците е дел од внатрешната американска недоумица околу Сирија, дали овој договор ќе го ослабе ИСИС и ал Каеда (и) или ќе ја засили Русија и Башар ал Асад.
Американските функционери кои сакаат зголемена координација веруваат дека Русија сака политичко решение, спогодба меѓу Асад и бунтовниците, па планот само ќе го забрза постигнувањето на овој договор. Дополнителен аргумент им е што на терен зголемената координација значи намалување на цивилните жртви.
Фракцијата што е против договорот, како аргумент во своја корист наведува инцидент во кој Русија има нападнато сириски сили поддржани и обучени од Пентагон, и покрај тоа што за време на нападот Американците ги контактирале Русите за да ги алармираат дека напаѓаат нивни луѓе; или пак прекршувањето на примирјето околу Алепо.
Од друга страна самиот Пентагон признава дека не им оди баш најдобро обидот да ги одделат сириските бунтовници од ал Нусра, делумно и "затоа што исламистичката група е една од најефективните анти-Асад сили на теренот." Русите ова го користат како оправдание кога се обвинети дека нападнале сили на сириската опозиција, објаснувајќи дека тие се премногу измешани со терористите од ал Нусра за да може да се разликуваат.
Кери во четврток пристигнува во Москва, делумно "и за да тестира колку се сериозни Русите околу користењето на своето влијание во Сирија на конструктивен начин."