Во анализата на документот се објаснува дека тој "содржи неколку квалификатори кои со тек на време биле испуштени... како што драфтот се кревал низ хиерархијата на ЦИА, така неговите заклучоци се повеќе биле третирани како дефинитивни."
Најконтроверзниот дел и основата по која САД ја започна војната во Ирак, беше набавката на алуминиумски цевки од страна на Багдад. Според администрацијата на Буш - доказ дека Ирак сака да направи нуклеарно оружје.
"Во верзијата на извештајот објавен во 2004-та комплетно беше цензуриран делот со алуминиумските цевки. Меѓутоа новата декласификувана верзија дава многу поголем увид во овој дел и покажува дека разузнавачката служба не била сигурна зошто 'Садам лично е заинтересиран за набавка на алуминиумски цевки.' Департманот за енергетика на САД заклучува дека димензиите на цевките 'одговараат за користење со ракетни мотори' и дека 'најверојатно ова е крајната цел.'
Декласификуваниот заклучок на ЦИА за извештајот не го содржи несогласувањето на Департманот за енергетика.
'Освен што е под влијание на желбите на политичарите, има неколку други причини зошто извештајот е полн со пропусти. Доказите за мобилните биолошки лаборатории, купувањето на ураниумска руда од Нигер и безпилотните воздушни преносни системи за оружјето за масовно уништување се покажаа како неточни. Тој е составен на брзање. Човечкото разузнавање е недоволно и несигурно. Иако многу делови од доказите остануваат под знак прашање, обемноста на проблематични докази влијаела на создавање на поуверлив и позлокобен извештај. Основниот аргумент дека Садам има оружје за масовно уништување им изгледа поверојатно на аналитичарите отколку алтернативата дека тој ги има уништено. И аналитичарите знаат за измамите на Садам од минатото, па доказите кои покажуваат дека Садам не поседува оружје за масовно уништување често пати се сметаат за измама,'" пишува Џејсон Леополд во текстот за Вајс, цитирајќи анализа на извештајот од РАНД корпорацијата (тинк-тенк финансиран од американската влада).
Меѓу останатите примерите за либерално толкување на информациите е и заклучокот дека Ирак "најверојатно реновирал фабрика за производство на вакцини," со цел да произведува биолошко оружје "ама ние не бевме во можност да утврдиме дали во неа се работело на создавање на биолошко оружје."
Во извештајот се тврди дека Садам немал "доволно материјал" за производство на нуклеарно оружје. За разлика од ЦИА, во говор од октомври 2002-ра, Џорџ Буш изјави дека Ирак "поседува и произведува хемиско и биолошко оружје," и дека "доказите покажуваат дека Ирак ја реконструира својата програма за нуклеарно оружје."
Во загревањето за војната, Доналд Рамсфелд во 2002-ра соопштува дека имаат непробојни докази за врската меѓу режимот на Садам и ал-Каеда. Во извештајот се вели дека врската меѓу ал-Каеда и Ирак се базира на "извори со варијабилна сигурност" и дека воопшто не е утврдено дека некогаш постоела врска меѓу двете.
Слично е и со тврдењето дека е можно Ирак да е одговорен за писмата со антракс кои беа испратени до медиумите и американските сенатори, една недела по нападите од 11-ти септември.
ЦИА прв пат објави примерок од NIE (National Intelligence Estimate) во 2004-та како одговор на барање по Законот за слобода на информации. Меѓутоа оваа верзија беше речиси комплетно цензурирана по основа на "закана за националната безбедност." Минатата година клириншката куќа за декласификувани владини документи, Блек Волт, побара ЦИА пак да го разгледа документот од октомври 2002-ра и да види дали може да бидат објавени нови делови од него.
Целиот документ: