Човекот што му кажа на Џобс дека тој ќе го упропасти Епл
Ова е приказната на Мајкл Смит:
Пред неговото враќање во Епл, беше јасно дека компанијата има проблеми. Лари Елисон размислуваше за непријателско преземање на компанијата, ама на некои од нас што го следевме Епл ни изгледаше дека планот за закрепнување на тогашниот ЦЕО, Гил Амелио, може да успее.
Напишав едно страсно писмо до Стив, молејќи го да најде нешто друго да прави со сопственото време. "Те молам, не се враќај во Епл, ќе го упропастиш."
... и потоа тој ми врати со зборови кои никогаш нема да ги заборавам:
"Можеби си во право. Меѓутоа ако успеам, не заборавај кога ќе се погледнеш во огледало да се наречеш шупак, во мое име."
Другарот од детството на Џобс, кој се преправал дека не го позава.
Џек Харингер е пријател на Џобс уште од неговото детство на почетокот на 60-те, меѓутоа двајцата се раздвојуваат откако заминале во различно средно училиште. Потоа, во 1976-та, тие се среќаваат во продавница:
Тој се појави, ме препозна и ме викна. "Нели си ти Џек Харингер од основно?" И, во таа милисекунда, направив нешто за што се каам најмногу во мојот живот. Му одговорив: "Да, тој сум јас... а КОЈ СИ ТИ?" Се правев дека воопшто не се сеќавам на него.
Денот кога Џобс се расправал за кусур во продавница
Од Рој Переира:
Налетав на Стив во супермаркет во Пало Алто, во близина на нашиот дом. Тој беше пред мене во редицата и плаќаше за своите производи. Бевме во брзата линија и тој беше облечен во неговата традиционална црна ролка. Ова се случи некаде околу 2000-та.
Го гледам како овој богат и паметен човек се расправа со касиерката за тоа колку кусур треба да му биде вратен за она што го купил. Тој инсистираше дека треба да му дадат уште 25 центи кусур. Расправата траеше неколку минути и ја блокираше целата лента.
Денот кога Џобс влезе во конкурентски дуќан за електроника, карши продавницата на Епл
Се работи за продавницата на Хелио во Пало Алто, сместена наспроти продавницата не Епл. Џобс еднаш ѕирнал низ врата, но вработените во продавницата не го препознаваат. Две недели подоцна, истиот шеф на продавница бил на смена и на муштериите им правел презентација на новиот Хелио смартфон. Тој одеднаш бил прекинат од некој што влегол во продавницата. Тоа е истиот човек во црна ролка и сини фармерки. "Вие момци УШТЕ не сфаќате, нели?" викнал човекот од влезот на продавницата. Пред шефот да може да му одговори, човекот си заминал.
Шефот видливо вознемирен, им рекол на муштериите "Овој, кој се замислува дека е?"
"Тоа е основачот на Епл," одговорил еден од муштериите.
Човекот што доби техничка поддршка по телефон од Џобс
Мет Мекој редовно имал проблеми со МекБук, и од време на време за ова му пишува мејлови на Џобс.
Следниот ден добив повик од Пало Алто.
Јас: "Ало?"
Јавувачот: "Еј Мет. Тука е Стив Џобс. Само сакав да ти кажам дека го добив твојот меил и дека ќе направиме се што можеме да го најдеме твојот хард диск."
Јас: "Вуау... фала ти!"
Јавувачот: "Сега ќе ти го дадам мојот асистент, и тој од сега ќе се погрижи за тебе. Ќе ја завршиме работата. Чекај."
Потоа повикот беше пренасочен кон еден маж што се викаше "Тим." Се уште не сум сигурен кое му беше презимето на Тим... и дали е можно тој да е Тим Кук?
И Џобс чека во ред
Приказната е на Ендру Гербер Даффи: Бев во Сони Стајл продавница во Станфорд Мол. Не се сеќавам што купував.
Додека бев во редица пред касата, сфатив дека Стив е двајца пред мене. Беше облечен во црната ролка и избледени фармерки. Под рака држеше проектор.
"Сакам ова да ми го поправите," му рече на касиерот кој се досадуваше.
На мое изненадување, човекот на касата беше комплетно несвесен за неговиот идентитет.
"Океј," одговори тој "под кое име да го ставам за подигнување?"
"Пиши го на Стив," му одговори Џобс.
Денот кога Џобс објаснил зошто ја подобрил храната во кафетеријата на Епл.
Гевин Кук работел за еден од најголемите клиенти на Епл. На формален состанок, тој прашал: "Стив, како влијаеше менувањето на кафетеријата во компанијата на културата во вашата компанија?"
"Ова немаше никаква врска со културата на компанијата. Храната што ни ја даваа беше помија!
И ретко кој јадеше таму, а кога ќе излегоа од кампусот тие не одеа само на еден час, нив ги немаше по час и пол или два, заради што помалку се сработуваше. А кога се во ресторанот и зборуваат за своите проекти, луѓето може ќе наслушнат нешто.
Па му се јавив на еден мој пријател кој е познат готвач и го прашав што би барал за да дојде да работи тука и да ја среди кафетеријата. Тој рече дека сака да донесе печка за пица на дрва, му реков 'Готово!' Па сега персоналот во кафетеријата се вработени во компанијата и кога инженерите треба да работат до доцна ние може да ја држиме кафетеријата отворена. Сега имаме и вегетаријанска понуда и повеќе опции. Со подобра храна, луѓето остануваат во кампусот и повеќе контактираат меѓу себе."
Говорот по повод инаугурацијата на Стив Џобс во Бизнис Хала на славните