На годишниот самит на Обама фондацијата во Чикаго, поранешниот американски претседател објасни дека прозивањето луѓе на социјалните мрежи не резултирало со промена, плус дека промената е комплексна работа.
„Имам чувство дека одредени млади луѓе на социјалните мрежи сметаат дека правењето промена значи што е можно повеќе да осудуваш други луѓе.
Ако твитам за тоа дека не си направил нешто правилно или си употребил погрешен глагол, после можам опуштено да си го продолжам денот чувствувајќи се добро околу самиот себе затоа што ’знаеш ли колку бев woke? Те прозвав на интернет!
Доста е со тоа. Ако сите фатите да фрлате со камења, најверојатно нема далеку да стигнете,“ порачал Обама.
Меѓу другото Обама ги потсетил младите и дека „луѓето што прават навистина добри работи имаат свои мани.“
Ова посебно се однесува на претседателската трка на демократите каде фокусот од политики и програми се префрли на тоа кој е повеќе „woke“, што во пракса од една страна значеше прочешлување на нивното минато од јавноста, а од друга извинување на кандидатите за најразлични случки и изјави од нивното минато.
Минатиот април, Обама за време на еден настан во Берлин на собраните им порача:
„Една од работите кај прогресивците во САД околу која сум загрижен, е што кај нив постои одреден степен на ригидност кога ќе кажеме ’ок, жал ми, сега ќе биде вака’ и потоа понекогаш почнуваме да креираме ’кружен стрелачки одред’ каде почнуваш да пукаш во своите сојузници затоа што еден од нив застранил од пуританството на одредено прашање.“