„Една од работите што понекогаш ме загрижува околу прогресивците во САД, можеби тоа важи и тука, е таа една ригидност во која порачуваме ’извини, ама еве како ќе биде’ и потоа почнуваме да правиме ’кружен стрелачки вод’ во кој почнуваш да пукаш во своите сојузници затоа што некој од нив застранил од чистотата на твојот пат,“ изјавил Обама за време на говорот во Берлин, организиран од Обама фондацијата.
Тој пробува да им објасни на своите соборци дека самата структура на демократијата бара од тебе да ги земеш предвид луѓето што не се согласуваат со тебе, и дека тоа „по дефиниција значи дека нема да добиеш 100% од она што го бараш.“
Како сопствен пример на компромис тој го наведува Климатскиот договор од Париз и Законот за здравствена заштита во САД, објаснувајќи дека сакал да извади повеќе и од двете ама со тек на време прифатил што реално може да биде договорено во временската рамка што ја имал.
„Не можеш да поставиш систем во кој не правиш компромис за ништо, ама во исто време не можеш да функционираш во систем во кој правиш компромис за сè,“ порачал поранешниот американски претседател.
Меѓу останатите прашања околу кои демократите моментално не се согласуваат се Зелениот нов договор, здравствената заштита и платите на работниците.
„Мораме внимателно да ги балансираме големите соништа и храбрите идеи, а исто така да сфатиме дека типично промените се случуваат постепено. И ако сакаш да прескокнеш неколку чекори можеш. Историски, она што ќе се случи ако прескокнеш премногу чекори е дека ќе завршиш со лош резултат,“ порачува Обама.