„Адам и неговата единица спијат во својот ров во близината на Суми кога се разбудени од својот командант кој им дава наредба. Денес ќе извршиме инвазија на Русија.
Еден час подоцна, во 3 часот наутро на 6 август тие, меѓу првите Украинци што го направија тоа, ја минаа границата возејќи се во оклопни возила. Како што артилеријата им леташе над глава, единицата од девет луѓе, која само неколку дена претходно беше нагло повлечена од нивната позиција во одбраната на Вовчанск, продолжи да напредува како што сонцето изгреваше,“ ги пренесува Тајмс првите часови од инвазијата.
Единицата првите Руси ги среќава во 7 часот наутро, и тоа 11 мажи кои полека минуваат преку поле, но за разлика од искалениот непријател против кого се борат на фронтот „ова се само деца... кога нè видоа веднаш се предадоа, не се ни обидоа да се борат.“
Украинците имаат идентификувано дека границата кај Суми и Курск ја чуваат токму вакви единици на руската армија, заради што и таа точка е избрана за пробивање на руска територија.
„Крајно координираниот напад искористи некои од најпрекалените украински борци, поддржани од авијација, артилерија и радио-електронски напад кој целосно ги онеспособи дроновските капацитети на Русија, ослепувајќи ги во однос на тоа што се случува на фронтот.
Десет дена подоцна и инвазијата продолжува да напредува. Украинските сили освоија 1.150 километри квадратни од Курск, и напредуваат со повеќе од еден километар на ден,“ објаснува Тајмс.
Се претпоставува дека украинските сили бројат околу 10.000 војници, и освојуваат десетина помали градови и села, а некои си 200.000 Руси ги имаат напуштено своите домови.
„Претседателот Путин со ова стана првиот руски лидер од Втората светска војна кој изгубил руска територија од странска сила,“ пишува Тајмс.
Дури три дена по упадот, Адам и неговата единица, се сретнуваат со рамноправен противник, меѓутоа до тогаш веќе се во Суџа, град на 10 километри од границата.
Подготовките за операцијата се кријат дури и од самата украинска армија, а еден од командантите кој учествува во инвазијата, Вова, почнува да се сомнева дека нешто се случува кога ненадејно на неговата позиција во Суми се појавува Олександр Сирски, првиот човек на украинската армија. Четири дена подоцна командантот добива наредба за влегување во Русија.
За разлика од Адам, Вова се жали дека уште од почетокот наишле на тешки борби, плус ја критикува лошата организација на нападот, за што само придонесува опремувањето со западни пушки кои постојано за заглавувале и недостатокот на медицински возила.
За сега украинската влада не коментира многу околу операцијата.