Весникот цитира два извора запознаени со приливот на пари на сметката на Наџиб и едно лице кое е запознаено со истрагата, според кои сумата е легната во периодот меѓу 2011-та и 2013-та.
Во јануари главниот јавен обвинител на Малезија го ослободи Наџиб од секакви обвинувања објаснувајќи дека 681 милион долари што биле најдени на неговата сметка се поклон од член на саудиското кралско семејство и најголем дел од овие пари веќе се вратени.
Од неговиот кабинет не ги коментираат новите бројки. Претходно премиерот околу ова изјави дека парите се легална политичка донација и дека тој не искористил ништо од сумата во лични цели.
Според истрагата парите потекнуваат од 1МДБ инвестицискиот фонд за проекти од национална важност кој Наџиб го основа во 2009-та кога доаѓа на власт. Потоа преку "комплексна мрежа на трансакции" парите се префрлени кај Наџиб на сметка.
Од 1МДБ изјавиле дека немаат исплатено никакви пари на која било лична сметка на премиерот.