„Веќе немаме директна буџетска поддршка. Последната транша беше исплатена на крајот од фискалната година. Ова ја загрозува, посебно во претстојните месеци, украинската способност да ја одржи економската стабилност додека истовремено продолжува да војува. Итно е,“ порачала Мекки во сведочењето пред Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат.
Освен воено, Вашингтон го одржува Киев и за не-воените потреби за општо функционирање на државата како плати за војска, плати за администрација, полиција, образование, здравство или пензии.
Мекки на Сенатот му објасни дека исцрпувањето на помошта од УСАИД значи дека Украина „нема пари за да ги плати сопствените луѓе.“
Предупредувањето од Мекки е дека одложувањето на помошта ќе биде од корист на Путин и дека украинската влада „ќе биде присилена на итни мерки, како печатење пари или неисплаќање плати, што би можело да доведе до хиперинфлација и сериозно да им наштети на воените напори.“
Бајден моментално се обидува да го протурка низ Конгресот своето барање за 106 милијарди долари американска помош за Украина, Газа и индо-пацификот. Во овие пари освен воена опрема и оружје се вклучени и 9,2 милијарди долари хуманитарна за Украина и Газа.
Проблем е што Бајден и неговите сојузници од Републиканската партија не можат да соберат гласови за овој пакет да мине низ Претставничкиот дом на САД, каде републиканците имаат мнозинство и деновиве изгласа пакет за помош на Израел од 14 милијарди долари. Израелскиот пакет подоцна беше блокиран во Сенатот каде демократите го имаат мнозинството.