Старлинк во Украина има испорачано околу 20.000 терминали за фаќање сателитски интернет, кој е клучен дел од комуникацијата на украинската армија, посебно откако Русија уште во првите денови ја нападна мобилната и телекомуникациска мрежа на земјата. Маск пред некој ден изјави дека досегашниот трошок за користење на сервисот е 80 милиони долари, и се очекува до крајот на годината да стигне до 100 милиони долари, пари што ги плаќа неговата компанија Спејсикс.
Си-ен-ен објавува дека дошле до документи во кои Спејсикс, на Елон Маск, кон крајот на минатиот месец побарале од Пентагон да почне да го плаќа трошокот за користење на сервисот на Старлинк.
Во документите Спејсикс, сопственикот на Старлинк, тврди дека трошокот за нивниот сервис во следните 12 месеци би можел да биде околу 400 милиони долари.
„Повеќе не сме во позиција да донираме дополнителни терминали во Украина, или да ги финансираме постоечките терминали на неодреден период,“ напишал директорот на Спејсикс во писмото до Пентагон.
Во одделно писмо до Пентагон напишано од надворешен консултант на Спејсикс, се порачува „Спејсикс се соочува со страшно тешка одлука. Мислам дека тие немаат финансиски капацитет за да ги одобрат дополнителните терминали или услуга кои беа побарани од генералот Залужниј.“
Наводно меѓу документите пратени до Пентагон е и барањето од првиот човек на украинската армија, генерал Валериј Залужниј, за дополнителни 8.000 терминали.
„По седум месеци војна тешко е да се пренагласи влијанието што Старлинк го има во Украина. Владата во Киев, украинската војска како и НВО-а и цивили се потпираат на скромните, компактни и лесни за користење терминали на Спејсикс. И тие не се користат само за разговори и електронска комуникација, туку помагаат да се летаат дронови и да се испраќаат видеа назад за коригирање на артилерискиот оган,“ пишува Си-ен-ен.
Според бројките на Спејсикс, 85% од 20.000 терминали во Украина се платени, целосно или делумно, од држави како САД, Полска, Британија и други. Плус тие имаат платено околу 30% од сметката за интернет, која според Спејсикс може да достигне и до 4.500 долари месечно по терминал за најнапредните услуги. Останатите 70% ги покрива Спејсикс.
Повлекувањето на субвенциите за користење на Старлинк индиректно го потврди и Илон Маск: