Мосад сам себе си го убил имиџот

Иако продолжува со реториката за потребата од создавање услови за пад на Исламската Република, во момент на ретка скромност Бенјамин Нетанјаху призна дека тоа „нема да се случи во еден ден“. Неговиот највреден адут, таинствениот Мосад кој досега важеше за семоќен, утна толку со Иран што ниедно предвидување на агенцијата не се оствари.  

Роман Гофман, новиот директор на Мосад неодамна ги отпушти раководителите на својот директорат за разузнавање и дивизијата за Иран, познати само по нивните анонимизирани имиња „К“ и „Ј“.

Мосад обично се гордее со тајноста, и иако вакви отпуштања не се без преседан, волку јавно (го пренесоа тоа сите големи израелски медиуми) е речиси невидено. 

Последните познати отпуштања поради некомпетентност се случија во 1997 година, кога неуспешен обид за атентат врз Халед Машал, тогашен претседател на политичкото биро на Хамас, резултираше со апсење на неколку агенти на Мосад во Јордан и катастрофален ПР.

Израел сега се справува со последиците од најголемата грешка во својата историја, направена по нивна вина: неуспешната војна против Иран. Приказна која му ја продадоа на Трамп како лесна војна што брзо ќе ја собори Исламската Република и нејзината наводна програма за нуклеарно оружје.

Ништо што Израел посакуваше не се оствари.

Ветувањето за атентат врз Али Хамнеи беше дека тоа ќе донесе државен хаос и ќе поттикне спонтан национален бунт. Наместо тоа, на чело дојде неговиот син, и онака порадикален од него, а дополнително мотивиран зашто овие му потепаа пола фамилија.

Израел ветуваше и дека иранско затворање на Ормускиот теснец ќе биде воено неефикасно. Денес Иран ја држи светската економија како заложник и теснецот е негово највредно оружје.

Мосад имаше посебна улога во слабеење на безбедносната структура на Исламската Република со надеж дека лесно ќе испраќа оружје до курдските вооружени групи кои ќе ја нападнат земјата од Ирак, а потоа ќе поттикнат масовни демонстрации за соборување на власта. Сите овие амбиции се акнаа од реалноста: безбедносната структура на Иран остана недопрена, курдските фракции претрпеа големи загуби и не се случија никакви големи протести во ниту еден ирански град.

А на шестдневните погребни церемонии за Хамнеи дојдоа преку 40 милиони луѓе.

Мосад на секаков можен начин проба да го задржи имиџот на семоќна и сезнаечка сила со неограничена моќ. Тенки беа резултатите. Техеран отворено ги исмеваше нивните провидни онлајн кампањи (на пример видеа генерирани од вештачка интелигенција од ирански затвори како им се рушат ѕидовите и среќни Иранци како пребегнуваат во Израел).

Подобро не помина ни планот Б на Мосад: соборување на властите со воздушни напади против иранските полициски станици и контролни пунктови управувани од Басиџ, паравоената милициска компонента на Исламската револуционерна гарда. Револуција на терен не се случи.

Отпуштањата на Гофман, според некои безбедносни аналитичари  е обид вината да се префрли врз неговите потчинети, само за да се  заштитат одлуките донесени од највисоките нивоа на власта.

Нетанјаху конечно ја доби војната што ја сакаше но ниту суровата сила ниту тајните операции извршени по негова наредба, не беа доволни за да ја спроведат неговата идеја за уривање на теократскиот режим во Техеран.

Како што демонстрираше и демонстрира во Јемен, Либан, Газа, а сега и во Иран, Израел уште се надева дека она што не беше решено со бомби, овојпат може да се реши со уште повеќе бомби.

 

24 август 2026 - 12:47