Младите го изгубија референдумот за брегзит

Според анкети, останувањето во ЕУ беше доминантната опција меѓу младите гласачи. На терен, младите ги имаа бројките за нивната опција да победи. На денот на референдумот, тие ја немаа волјата да се изборат за она што го сакаат.

Иако по референдумот во сите демографски анализи главната вина паѓа на постарата генерација, заради нивната решителност дека Британија треба да се оддели од ЕУ, она што најчесто се пропушта е дека младите сносат сериозна одговорност за тоа што им се случи. Младите гласачи во Британија ретко излегуваат на избори. При гласањето за членови на Парламентот во 2005, гласовите на оние под 25 години изнесувале половина од оние над 65. Една од наведуваните причини за ваквата ситуација е верувањето помеѓу помладите гласачи дека нивните гласови не прават разлика. Но иронијата во случајот со брегзит е дека токму тие можеа да одлучат за резултатот.

Кратко време откако светот го дозна исходот од референдумот, почнаа да пристигнуваат и податоци за гласачите. Тројца од четворица граѓани во Британија под 25 гласале за да се остане во ЕУ. Но тоа се оние малкумината што се појавиле. Постарите гласале масовно, па така оние кои најкратко ќе живеат со оваа одлука станаа оние одговорни за неа.

Но што ако ова не се случеше? Што ако секој граѓанин со право на глас излезеше на гласачките места?

Овој дијаграм го споредува реалниот исход на референдумот со хипотетичкиот, доколку на гласање излезеа 100% од гласачите. Оние за останување во ЕУ тогаш би победиле, но со поголема разлика од онаа со којашто загубија. Дури и со пореалистична излезност од 70%, опцијата Остануваме се уште победува со милион гласови.

Оние кои жалат за одземените можности на помладите се во право, но не и кога со прст покажуваат во повозрасните. Тие можности всушност не се одземени, туку се едноставно предадени. Истото може наскоро да се случи и во САД, кога во ноември ќе се бира нов претседател. Еден од нив е прилично популарен помеѓу постарите гласачи и ксенофобите. А младите во САД исто така ретко излегуваат на гласање.

28 јуни 2016 - 14:32