Неколку настани се одложени а кампањата за сега е „суспендирана“ бидејќи Ле Пен допрва треба да ги комплетира 500-те потписи за поддршка од избрани функционери, неопходни за влегување во претседателската трка.
500-те потписи треба да се соберат од повеќе од 40.000 пратеници, европски пратеници, сенатори, регионални советници и градоначалници, од најмалку 30 различни департмани и прекуморски територии. Друг услов е тие да бидат географски распространети низ Франција, не само од еден нивен департман.
Крајниот рок за ова е 18 часот на 4-ти март, односно следниот петок, а целосниот список на кандидати што се квалификувале ќе биде објавен во вторник 8-ми март.
Во видео од понеделникот Ле Пен ја побара поддршката од градоначалниците низ Франција и изјави дека е кратка за 50 потписи. Според Уставниот совет, кој го води записникот, таа има само 393, што значи и требаат над 100 потписи.
Слично во дефицит со потписи се и главниот десничарски конкурент на Ле Пен, Ерик Земур, кој до сега има собрано 350 потписи, и левичарот Жан-Лук Меланшон на кого му фалат околу 60 потписи.
Во понеделникот и премиерот на Франција ги повика избраните функционери да им дадат потпис на кандидатите, не затоа што тоа мора да значи политичка поддршка, туку дека е и демократски гест.
Овој услов е воведен од Де Гол во 1962, кога границата е поставена на 100 потписи, во обид да се ограничи бројот на кандидати што можат да учествуваат во трката.
Ле Пен на анкетите (за малку) е второ пласирана и понатаму се смета за главен конкурент на Макрон во вториот круг, меѓутоа истите анкети покажуваат дека Макрон ќе победи на изборите без разлика кој е кандидатот.