Кралски денови

Со кој муабет Камила му се пуштила на Чарлс, како нагалено Филип ја вика кралицата и други детали од новата книга за Елизабета Втора, од биографот Роберт Лејси.

идната и старата

Принцезата Маргарет сакала да го прегази комшијата

По чиста случајност, кога Принцезата Маргарет се преселила во Палатата Кенсингтон, нејзин прв сосед бил приватниот секретар на кралицата, Томи Ласкелс. Токму Томи претходно ги попречил плановите на принцезата да се омажи со разведениот воздухопловен полковник Питер Таунсенд. "Таа правеше се за да не се сретне со нејзиниот непријател, но од време на време налетуваа еден на друг во дворот на палатата. Таа им призна на своите пријателки дека и било тешко да не му нареди на својот возач да стисне на гас и да го прегази згрбавениот старец."

 

Сопругот на Маргарет составувал "те мразам" листи

Откако била спречена да се омажи со Таунсенд, таа се зема со Лорд Сноудон. Врската станала толку неподнослива, што тој почнал да прави листи од типот "Работи што ги мразам кај тебе," и ги оставал низ куќата за таа да може да ги најде. "Изгледаш како еврејски маникир," пишувало на еден од списоците.

 

"Плачкото" Чарлс се жалел дека родителите му биле "строги" и "далечни"

По мислењето на приватниот секретар на Кралицата, Мартин Чартерис, до 1969-та "Чарлс, веќе се претворил во 'плачко' што се самосожалува." Меланхоличен заради тоа што не бил пречекан на враќањето од Велс по именувањето за принц на тој регион "Принцот цели 20 години им го памтел ова на родителите, за на крај целата своја огорченост да ја истури во 1994-та, во биографијата напишана од Џонатан Димблебиј, кој со одобрение на Чарлс, го опишал односот на неговата мајка како 'оддалечен' а неговиот татко Филип како 'многу насилен' и 'необјасниво строг.'"

 

Чарлс го обвинувал Филип за бракот со Дајана

Уште еден излив на огорченост може да се најде во писмото што Филип во 1981-ва му го испратил на Чарлс, во кое го советува да побрза и да ја ожени Дијана или во спротивно да ја прекине врската за да ја зачува нејзината репутација. "Во еден момент, кога бракот почна да се распаѓа, тој го ископа писмото на татко му, го свитка и го носеше наоколу во џеб и им го покажуваше на сите. Тоа беше негов обид да покаже дека го присилиле," пишува Лејси.

 

Камила до Чарлс "Што да не?"

"Мојата прабаба му била љубовница на твојот прапрадедо," е реченицата со која Камила му се пуштила на Чарлс. "Па, зошто да не?"

 

"Со тие што си спиел, не можеш да се жениш"

Лордот Маунтбатен му порачал на Чарлс, "Во случај како твојот, човек треба да ги исполни своите желби и да има колку е можно повеќе врски пред да се реши. Но, за жена треба да одбере соодветна, слатка девојка, пред таа да сретне кој било друг." "Со други зборови, еби ги сите и ожени девица," сумира Лејси. "Ова значи дека со предавањето на Чарлс, Камила го предала и своето право да се омажи за него, бидејќи тие со кои спиел, не можел да ги венча."

 

Знаци на предупредување за Дијана: прескокнување ручек

Кралицата прв пат сфатила дека има некаков проблем со Дијана на одморот во Балморал во Шкотска, кратко по свадбата: "Сите чекавме во салата и разговаравме, но Дијана ја немаше. Се појави еден од послугата и и пријде на Кралицата: 'Извинете госпоѓо, Принцезата до Велс нема да ви се приклучи на ручекот.' Елизабета сосема се стиши. Пријателите ги видоа првите знаци на опасност - стиснатата усна и екстра брзото треперење со очите," му раскажува на Лејси еден од гостите.

 

Камила имала стратегија за Чарлс

Кога Дајана се преселила во Кларенс Хаус, таа на својот кревет нашла писмо од Камила со честитки за свадбата и покана за ручек. За време на ручекот, Камила ја прашала Дијана дали таа планира да оди на лов со Чарлс. "Во моментот збунета, подоцна Дијана сфатила дека Камила проверувала како би можела да се среќава со Чарлс кога овој ќе биде во брак."

 

Кралицата и Тони Блер имале пакт никогаш да не го гледаат "The Queen"

По излегувањето на филмот, во кој има извонредно прецизна верзија на првата средба меѓу Блер и Кралицата, двајцата се договориле никогаш да не го гледаат филмот. Кралицата - Разбрав има филм. Јас нема да го гледам. Блер - Ниту јас. Тони Блер се уште го нема гледано.

 

Прекарот на Филип за Кралицата

Принцот Филип својата сопруга ја нарекува "зелка."

Книгата "The Queen: A Life in Brief" треба да излезе на 15 мај.

9 мај 2012 - 14:11