Кој ќе ја храни Западна Европа кога сите работници се вратија дома на Исток?

Кога Франција реши да ги затвори границите за да се заштити од пандемијата, најголемите земјоделци во земјата крикнаа во болка: а кој ќе ни работи на нивите? Исто и во Италија, исто и во Германија, исто и во Шпанија.

Во Германија дел од годинешната реколта на аспарагус ќе остане да скапе во земја. Во Италија над една четвртина од култури како јагоди, грав и зелена салата кои треба да созреат во следните месеци најверојатно нема да има кој да ги собере.

Овие и десетици други култури низ Западна Европа стандардно се собираат од сезонски работници (и мигранти) од Источна Европа и Северна Африка, локации кои со сегашниот масовен карантин и изолација, изгледаат оддалечени како на друга планета.

„На градовите наскоро ќе почне да им недостасува свежо овошје и зеленчук,“ објаснува првиот човек на земјоделската заедница на јужна Франција, Себастиен Херо.

Франција очекува дека годинава ќе и недостасуваат 200.000 работници, Италијанците се пресметале дека ќе бидат минус од 100.000 странски работници. Германците обично во март веќе имаат 30.000 мигранти кои им работат на нивите, а до мај оваа бројка расте на 80.000, годинава имаат само делче од нив.

Она во што се крсти земјоделската индустрија низ ЕУ е дека луѓето кои до сега работеа во угостителство и студентите кои се на продолжен распуст, ќе можат да ги заменат сезонските мигрантски работници на нивите. Францускиот министер за земјоделие пред некој ден го повика секој што може да работи да се вклучи „за сите да можеме да јадеме“.

Германија веќе има веб-страна со понуда на отворени работни места во земјоделието, а сличен систем има и Австрија која се бори со недостаток на касапи и собирачи на нивите, откако источноевропјаните си заминаа дома. И Австријците се надеваат во својата младина, која сега е без ангажман дека ќе се стави во погон.

„Ги повикувам пред се сите млади кои моментално не работат и кои немаат деца или дедовци и баби за кои треба да се грижат. Ни треба секоја рака што може да помогне,“ изјавила австриската министерка за труд.

Слабата страна на ваквите планови е што келнерите, хотелскиот персонал, кујнскиот персонал, студентите и слично, главно се во големите градови низ ЕУ. Нивите не се. Дополнителен страв е дека во првиот момент кога ќе им се отворат старите работни места на овие лица, ти ќе фатат џаде назад кон градовите.

„Пред шест недели никој не разговараше за тоа од каде доаѓа храната, сега одеднаш сите сакаат да зборат за тоа,“ порачува првиот човек на индустриската групација Бритиш гроверс, Џек Ворд.

27 март 2020 - 10:58