Кина агресивно во лов на западни пилоти

Кинеската војска се има дадено на регрутирање што е можно повеќе поранешни западни воени пилоти кои треба да послужат за обука на кинеската авијација, се жалат поранешните шефови на истите овие пилоти.

Членките на „Петте очи“ (Британија, САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд) заеднички предупредуваат за однесувањето на кинеската народна армија и проектот за ангажирање на нивни пензионирани пилоти.

„За да ги надмине своите слабости, кинеската армија агресивно регрутира западен воен талент за да ги обучи нивните пилоти, користејќи приватни компании низ целиот свет кои ги прикриваат своите врски со кинеската армија и на регрутите им нудат обемни плати,“ објаснуваат од американскиот Национален центар за контраразузнавање и безбедност.

Во 2022 беше откриено дека приватна академија за летање од Јужна Африка помогнала да се ангажираат над 20 британски пилоти од воената авијација, морнарица и пешадија.

Американците објаснуваат дека освен сериозната плата што ја добиваат, за дел од пензионираните пилоти привлечна е и самата можност повторно да можат да летаат едни од најбрзите и најегзотични авиони во светот.

Освен пилотите, на мета на Кинезите биле и инженери од воената авијација, вработени во центрите за воздушни операции и експерти со познавање на воени тактики.

Како дел од услугите Кинезите се обидувале да дојдат и до подетални информации за западните авиони и тактики што би можеле да бидат употребени, на пример во случај на конфликт околу Тајван.

Регрутирањето било преку специјализирани агенции, професионални сајтови за работа и директно преку поранешни пилоти кои на најразлични средби ги поттикнувале своите колеги да прифатат ангажман.

10 јуни 2024 - 13:19