Канаѓаните ќе се кренат на бунт да знаат колку се банкрот

Без разлика колку е сега лоша ситуацијата во Канада, таа „најверојатно дополнително ќе се влоши во следните пет години“ порачуваат авторите на извештајот изработен за потребите на канадската полиција, која ја предупредува федералната влада дека може да и се случат граѓански немири.

Извештајот предупредува дека Канада може да биде зафатена од граѓански немири кога граѓаните ќе разберат колку им е безизлезна економската ситуација.
 

„Претстојниот период на рецесија ќе го забрза падот на животниот стандард што младите генерации веќе го доживеаа во споредба со претходните генерации,“ пишува во извештајот по име 5-годишни владини трендови.

 

Еден од најтешките заклучоци за следните генерации до кои доаѓа истражувањето е дека „на пример, младите Канаѓани под 35 најверојатно никогаш нема да можат да купат место за живеење.“

Извештајот е обележан како таен, и е наменет како дел од „специјални оперативни информации“ кој е споделен во рамките на канадската полиција и луѓето што носат одлуки во владата.

 

Целта на извештајот е да ги нагласи трендовите во Канада и странство „кои би можеле да имаат значително влијание на канадската влада и полицијата.“

Освен падот на животниот стандард, во иднина се очекува се повеќе непредвидливо време и сезонски катастрофи како поплави и пожари. Тие предвидуваат и дека Канада најверојатно ќе биде под притисок да се откаже од територија на Арктикот.

Авторите забележале дека Канаѓаните станале се поразочарани од својата влада и дека безбедносните служби можат да очекуваат се поголема општествена и политичка поларизација предизвикана од „дезинформациски кампањи и растечка недоверба во сите демократски институции.“

Еден од посебно цензурираните делови на извештајот носи наслов „ерозија на довербата“, во кој во првата реченица пишува „изминатите седум години беа обележани од општествена и политичка поларизација на Западниот свет.“ Остатокот од заглавието е избришано од владините цензори.

Канадски Нешнл пост, проценува дека заклучоците за падот на стандардите и недостапноста на домови за Канаѓаните се во согласност со достапните статистики. Тие наведуваат дека канадската продуктивност (БДП по глава на жител) има надолен тренд најмалку од 1980-те, но е посебно забрзан последниве години, иако истата статистика расте во голем број други држави слични на Канада.

Минатата година студија на Универзитетот на Калгари заклучи дека ако Канада само ја следеше стапката на раст на продуктивност на САД во последните 5 години, канадската заработувачка по глава на жител сега ќе беше поголема за 5.500 долари.

Што се однесува на домувањето само 44,5% од канадските домаќинства имале доволно приходи за купување дом по сегашните цени, додека куќа со имот им е достапна само на најбогатите 25% од канадските домаќинства.

22 март 2024 - 11:49