Како медиумите ги - и не ги - покрија обвинувањата против Бајден за сексуално малтретирање

Поранешната вработена во американскиот сенат Тара Рид (не таа Тара Рид), уште пролетта 2019 истапи како една од неколкуте жени што го обвини Бајден за недолично допирање, меѓутоа дури на 25 март годинава таа го дополни обвинувањето со тоа дека тој сексуално ја нападнал кога работела во неговиот кабинет.

Целата случка Рид ја опишува детално и експлицитно (ја залепил за ѕид, и ставил рака под здолништето и ја пенетрирал со неговите прсти) додека гостува на еден подкаст на 25 март. Меѓутоа сторијата не почнува да се врти во меинстрим медиумите се до 12-ти април, кога Њујорк тајмс објавува детална истрага на тврдењата на Рид.

Анализата на 538 за покривањето на веста покажува дека од трите главни кабелски новински канали, Фокс њуз до сега посветил најмногу внимание на Рид. Во следениот период од 25 март до 1 мај, Фокс имале 371 клип во кој се споменува Рид (344 од нив направени по 24 април). Наспроти нив Си-ен-ен до 1 мај имал 35 клипови за Рид, од кои првиот бил емитуван на 25 април, а Ем-ес-ен-би-си прв пат ја споменува Рид минатиот петок кога Бајден лично се појавува на телевизијата за да ги отфрли тврдењата на Рид.

Според она што Рид го има изјавено за Њујорк тајмс, ниту Си-ен-ен, ниту Ем-ес-ен-би-си не ја поканиле за интервју во живо, иако имаат комуницирано зад камера.

Иако овие мрежи не ја споменуваат Рид кога таа го обвинува Бајден за сексуален напад, он-лајн новинските страни веднаш ја пренесуваат веста. Додека  десничарските страни многу повеќе ја покриваат веста, и Хафингтон пост, Вокс и Гардијан исто така во март пишуваат за обвинувањата, а последните два дури и забележуваат дека веста не се појавува на каналите на меинстрим медиумите.

Во прво време медиумите и од двете страни ја пренесуваат веста со јасно наведување на обвинувањето, но подоцна десната страна на медиумскиот спектар е многу поревносна во дополнување и објавување на нови информации.

Медиумите кои и се посветуваат на веста по истрагата на Њујорк тајмс, како Атлантик и Политико на пример не се фокусираат на Рид, а други како Си-ен-ен и Си-би-ес, не ја споменуваат Рид како автономна вест, туку во контекст на тоа како другите демократи реагираат на нејзе.

Од 538 објаснуваат дека заради повеќе фактори овој случај не може да се спореди на пример со медиумската покриеност на обвинувањата против Брет Кавано, кога беше избиран за член на Уставниот суд на САД, а дополнително алиби за сите (не)заинтересирани медиуми е моменталната незабележана опседнатост со коронавирусот, која „зафаќа толку многу од медиумскиот кислород што е малку веројатно дека која било политички сторија ќе биде детално покриена како во нормални времиња.“

6 мај 2020 - 16:08