Молдавскиот премиер, Влад Филат, виде политичка шанса во смртта на бизнисменот. Неговиот план беше целата ситуација да ја искористи за себе да се промовира како борец против корупцијата. Тој обвини еден од ловџиите, јавниот обвинител Валериј Зубко, дека ловел без соодветна дозвола и дека се обидел да ги сокрие доказите околу смртта на бизнисменот.
Иако обвинувањата за корупција не се нешто ново во Молдавија, тука целата работа беше многу покомпликувана. Филат и Зубко се од различни партии, меѓутоа нивните партии ја формираат владејачката коалиција.
Луѓето на Зубко, ваквото однесување на премиерот го сметаа за неприфатливо прекршување на протоколот.
По ова започна пеколот за премиерот. Луѓето од неговата коалиција почнаа да го обвинуваат дека тој учествувал во продажба на цигари на црниот пазар. Расправиите се влошуваа се додека во март парламентот не му изгласа недоверба на Филат.
Работата е што додека коалицијата се расправаше меѓу себе, на страна стоеше опозицијата, моќната Комунистичка партија на Молдавија, која иако не е на власт го има најголемиот број на пратеници во парламентот, 34 од 101.
КПМ во 2001-та стана првата комунистичка партија која успеа да се врати на власт во една пост-советска држава, и таму се задржа се до 2009-та.
По губењето на власта Филат изјави дека има собрано 51 глас, колку што се потребни за да биде избран за премиер. Сепак во понеделникот Уставниот суд на земјата реши дека тој не може да се врати на функцијата бидејќи против него има обвинение за корупција.
Сега дилемата е дали коалицијата ќе успее некако да се извади или на власт ќе се вратата Комунистите.