Уверени дека Фахризадех ја предводи иранската програма за создавање нуклеарна бомба, Израел најмалку 14 години сака да го убие научникот. За ова време се случуваат толку закани и завери по неговиот живот што тој повеќе не им обрнува внимание на предупредувањата.
Во деновите пред неговото убиство тој е предупреден од иранското разузнавање за можен обид за атентат, меѓутоа Фахризадех не е многу потресен од информацијата.
Попладнето на 27 ноември Фахризадех седнува во својот Нисан Теана, со сопругата на совозачко, и тргнува на пат од викендицата на брегот на Каспиското море, кон куќата што ја поседува во Абсард, градот во близина на Техеран.
Мосад од 2004-та има наредба од израелската влада да го спречи Техеран во создавањето на нуклеарна бомба, а од 2007 тие имаат убиено пет ирански нуклеарни научници, од кои најголемиот дел работеа директно за Фахризадех.
Во 2009-та Мосад имаше закажано егзекуција на Фахризадех во Техеран меѓутоа операцијата беше откажана во последен момент, откако планот бил компромитиран и Мосад се посомневал дека иранските безбедносни сили поставиле заседа.
За новиот план ирански агенти кои работат за Мосад паркираат син Нисан Замјад пикап на патот што го поврзува градот Абсард со главниот пат. Во багажникот, скриен под градежен материјал и церада е снајперски автомат со калибар 7,62 мм.
Во 13 часот, тимот за егзекуција добива сигнал дека Фахризадех и вооружената придружба влегуваат кон Абсард. Веднаш на позиција се мести искусниот снајперист кој ќе го изведе убиството, и чека со внимателен допир на чкрапалото.
Само што снајперистот не е ниту во пикапот, ниту каде било во близина на Абсард, туку оддалечен илјадници километри на непозната локација и гледа во компјутерски екран, додека остатокот од тимот во меѓувреме го напушта Иран.
Во моментите по убиството се појавуваат најразлични стории за тоа како бил изведен атентатот, од масовни битки до големи експлозии. Неколку ирански медиуми објавуваат дека атентатот е извршен далечински со робот убиец. Во обид да го намалат срамот на елитните безбедносни сили кои не успеаа да го спречат убиството на еден од најважните луѓе во земјата, Иранците ги отфрлаат овие стории.
Објавувајќи ја својата опсежна истрага околу убиството, Њујорк тајмс пишува дека успехот на операцијата се должи на голем број фактори „сериозни пропусти на Иранската револуционерна гарда, опсежно планирање и надзор на Мосад, и невнимателност која се граничи со фанатизам од страна на Фахризадех.“
„Но ова беше и првиот тест на високо-технолошкиот компјутеризиран стрелач составен од вештачка интелигенција, повеќе камери, опериран преку сателит и капацитет за испукување на 600 куршуми во минута.
За разлика од дрон, роботизираните автомати не привлекуваат внимание на небото, додека дроновите можат да бидат соборени, а може и секаде да биде поставен, карактеристики кои најверојатно ќе го изменат светот на обезбедувањето и шпионажата,“ пишува во текстот на Тајмс.
Сведоштвата на поранешни ирански функционери се дека Фахризадех е столбот на кој се потпира комплетната иранска нуклеарна програма, од научна работа до набавка на чувствителна опрема или технологија која е забранета со меѓународните санкции, „создавајќи подземна мрежа од Латинска Америка до Северна Кореја и Источна Европа за наоѓање на деловите што се потребни“.
Подготовките за убиството почнуваат на крајот од 2019 и почетокот од 2020 по серија состаноци на директорот на Мосад, Јоси Коен, и високи американски функционери како државниот секретар Мајк Помпео и директорката на ЦИА, Џина Хаспел.
Израел од 2012 ги паузира обидите за убиство, кога САД почнуваат преговори со Иран кои ќе доведат до договорот од 2015. Во моментот кога Трамп се повлекува од договорот, Израелците сакаат да ја продолжат својата операција за спречување на развивањето на иранската нуклеарна програма.
Кон крајот на февруари 2020 Коен им претставува на Американците список на потенцијални начини за спречување на иранскиот нуклеарен напредок, вклучително и атентат врз Фахризадех. Тие потоа го враќаат планот во Вашингтон, каде исто така добиваат поддршка.
„Израел и САД се охрабрени од релативно млакиот одговор на Иран по атентатот на генералот Касим Сулејмани, кој беше убиен со американски дрон со помош на Израел во јануари 2020. Ако можат да убијат врвен воен лидер со малку последици, тоа за нив сигнализираше дека Иран или не е во можност, или се колеба посилно да одговори,“ анализираат новинарите на Њујорк тајмс.
Четирите атентати што Израел ги врши од 2010 до 2012, главно се сведуваат на убијци на мотори кои застануваат до возилото на жртвата заглавено во сообраќајот во Техеран и го убиваат преку прозор или со поставување експлозив на вратата.
Ова не може да им успее со Фахризадех, бидејќи по убиството на Сулејмани, неговото обезбедување константно е составено од конвој од четири до седум возила, со припадници на елитната единица Ансар, кои константно ги менуваат рутите за да избегнат можен напад.
Како што Израелците разгледуваат планови, така им одминува времето. Веќе летото 2020, изгледа дека е можно Трамп да ги изгуби изборите, а неговиот наследник Џо Бајден, вети дека ќе ги поништи одлуките на Трамп и ќе се врати на нуклеарниот договор со Иран од 2015 против кој Израел остро се противеше.
Целта е убиството да се направи додека Израел се уште има поддршка од САД, односно пред Бајден да влезе во Белата куќа. За Нетанјаху најдобар исход од атентатот е дека со тоа трајно ќе се згаснат сите шанси за враќање кон нуклеарниот договор.
Планот за робот убиец има неколку сериозни препреки. Меѓутоа тој е далеку поизводлив од другите опции, и учество на оперативци на Мосад, бидејќи Израелците со години имаат правило дека нема операција ако нема опција за спасување на оперативците на терен.
За атентатот тие го избираат белгискиот автомат ФН МАГ, на кој закачуваат напреден роботизиран апаратус. Тука проблемот што се јавува е дека машината заедно со сите додатоци на нејзе тежи околу еден тон. Заради ова целосната машина е растурена на најмали можни делови, и е шверцувана во Иран дел по дел, преку најразлични патишта, за повторно тајно да биде составена во Иран.
Роботот е димензиониран за да го собира во гепекот на пикапот, а камерите се насочени во различни правци и преку нив централата има целосен преглед на околината не само на метата и неговата придружба. Како за крај, на пикапот е монтирано изобилие на експлозив, за тој по атентатот да може да биде уништен и да се уништат сите докази.
Откако ова е поставено, почнува да се решава проблемот со повратниот удар од автоматот, кој се тресе на секој испукан куршум менувајќи ја неговата траекторија. Исто така проблем е и врската со роботот која иако ќе биде сателитска и најбрза можна достапна, сепак ќе има мало доцнење на снимката, па операторот ќе треба да компензира и почекува при секое подместување на нишанот.
За сликите од камерата да стигнат до снајперистот и за неговата реакција да стигне до автоматот, без времето за реакција, потребни се 1,6 секунди.
Овие празнини во планот ги пополнува вештачка интелигенција која компензира за доцнењето, тресењето и брзината на возилото.
Следен предизвик е да се утврди во реално време дека колата ја вози токму Фахризадех, а не сопругата, некое од неговите деца или телохранител.
Затоа што оваа информација не може да ја покрие со дронови, Мосад се решава да постави едно возило со дупната гума качено на дигалка во близина на главниот пат кон Абсард на нешто повеќе од еден километар од местото на заседата. Ова возило има уште една камера.
Утрото на 27 ноември, Фахризадех со својата кола и во придружба од уште три возила го напушат градот Ростамкала на брегот на Каспиското езеро. Процената е дека ако Фахризадех само дозволил обезбедувањето да го вози и тој а седи позади, ќе било премногу тешко да биде идентификуван и да биде убиен без никој друг да настрада. Ако неговите прозори воопшто биле блиндирани, убијците ќе морале да користат специјална муниција или бомба за да го убијат, што само дополнително го компликува планот.
Некаде пред 15:30 конвојот стига до првото возило со дупнатата гума, кое треба да го идентификува научникот. Тоа потврдува дека научникот е во колата и дека ја вози.
Како што се исклучуваат на патот кон Абсард, првото возило од обезбедувањето забрзува да оди да ја провери куќата во која Фахризадех треба да престојува. Ова ја остава целосно изложена колата на Фахризадех.
Конвојот подзастанува заради „легнат полицаец“.
Автоматот ги испукувуа првите куршуми, погодувајќи ја колата на Фахризадех нешто под шофершајбната. Не е познато дали овие куршуми го погодуваат Фахризадех, меѓутоа возилото застранува и целосно застанува.
Во тие моменти снајперистот го подесува нишанот и повторно пука, погодувајќи ја шофершајбната најмалку 3 пати, а Фахризадех е погоден најмалку еднаш во рамото. Тој излегува до возилото и се крие зад отворената предна врата.
По ова уште три куршума завршуваат во неговиот рбет и тој паѓа на земја.
Во тој момент вооружен дотрчува еден од телохранителите од придружбата, кој бара наоколу да го види напаѓачот.
Сопругата на Фахризадех дотрчува до неговото тело, клекнува на земја и ја става главата во скут.
Тогаш експлодира монтираниот пикап.
Ова единствениот дел од операцијата кој не оди како што е планирано, бидејќи експлозијата треба на делчиња да го распарчи роботот, а наместо тоа експлозијата ја катапултира целата опрема во воздух, која по паѓањето на земја е непоправлива за користење, но се уште е главно во еден дел.
Целата операција трае помалку од една минута. Испукани се 15 куршуми.
Ниту еден од куршумите не ја погодуваат сопругата, која седи на само неколку сантиметри од главната мета.