Работата на терен е клучна затоа што Германија ги има меѓу најстрогите закони за приватност во светот, па дигиталното следење не може да се изведе на начин кој би бил употреблив.
Кога ќе биде пријавен позитивен случај на заразен со ковид-19, германските власти почнуваат да ги следат сите траги на болеста што човекот може да ги остави. Секој од тие лица е контактиран и советуван да биде во карантин, плус од нив се бара да водат дневник за сопственото здравје и секого со кого во меѓувреме ќе се сретнат.
Целта е да се состави „фото-робот“ на дневните навики на лицето, и да се дознаат сите детали за тоа што тој правел во претходните денови - дали имал контакти со соседите, па макар и преку ограда, дали излегол некаде дури тоа да било и до кај доктор, кој сервис за испорака го користел, дали се шетал, продавница, пешачење...
Во примерот со Вирцбург, град од 130.000 жители, првите два случаи на коронавирус се појавуваат на 4-ти март, кај луѓе кои само што се вратиле од Италија. Пред да бидат тестирани дека го имаат вирусот, тие биле во посета кај роднини, па на 5 март уште 3 членови на семејството се заразени. За десетина денови, здравствените власти на Вирцбург сфаќаат дека во регионот има премногу случаи за тие да можат сите да ги следат како што треба, па почнуваат да ангажираат луѓе од други оддели и сфери, од пожарникари до студенти по медицина, сите со единствена задача да откријат и заведат колку можат повеќе контакти на лицата заболени од ковид-19.
Кога некој од тимот ќе му се јави на лице со позитивен тест, прво мора внимателно да му ја соопшти веста дека има ковид-19. Откако ова е завршено, од лицето од другата страна се бара детален рапорт што и како се случувало, по што му се даваат детални упатства како самиот да се стави во карантин.
Пациентите имаат можност сами да им се јават на своите контакти и да им ја пренесат веста, по што следува повик од здравствените власти, кои ја повторуваат целата постапка: испрашување за контактите, давање насоки за карантин и започнување на дневник за остварени контакти во следни две седмици.
Доколку контактите почнат да појавуваат симптоми тие се тестираат и ако се позитивни луѓето задолжени за следење подетално ја спроведуваат истрагата од ново, следејќи го нивниот ланец на контакти.
Моментално тимот во Вирцбург брои над 100 лица (на 130.000 жители), кои од првичното водење евиденција во Ексел се префрлуваат на поробусна програма. На 24 април, за прв пат Вирцбург нема нов пријавен заразен од ковид-19. До 15 мај тимот имаше 2.500 лица кои беа ослободени од карантин.