Во 11 града во кои победија на последните локални избори, десничарскиот Национален фронт под водство на Марин Ле Пен ќе ги спречи училиштата да нудат алтернативни оброци без свинско месо за учениците муслимани (и Евреи).
Ле Пен ова го најави како одбрана на секуларниот карактер на државата.
Франција со прецизен закон ја има дефинирано секуларноста меѓутоа во последно време се акумулираа доста барања базирани на религиозни погледи, особено од пет милионското муслиманско малцинство, најголемото во Европа.
Некои од нејзините градоначалници забраната за алтернативни менија ја објаснија со потребата да се штедат пари.
"Некои деца ниту свинско јадат ниту тоа другото им се бендисува, многу храна се фрла," вели еден од нив.
Последниот изборен скор на Националниот фрон е двојно поголем од нивните резултати во 90-тите години. За свој најголем успех ја сметаат победата во најголемата општина во Марсеј.
Партијата се позиционираше како трета најсилна политичка партија во Франција, после социјалистите и конзервативците. Особено голем успех очекуваат на мајските избори за Европскиот Парламент, заради својата агресивна анти ЕУ политика.