Аудио снимките од поранешни владини функционери, кои циркулираат по социјалните медиуми, поттикнаа обвинувања за корупција и контраобвинувања за нелегално странско мешање во кампањата за изборите в недела.
Првично објавени на профилот Maske padajo на Фејсбук, снимките наводно сведочат за коруптивни финансиски зделки и злоупотреба на политичко влијание. На снимките се појавуваат поранешната министерка за правда Доминика Шварц Пипан, адвокатка, лобист и директори на компании. Тие категорично ги отфрлаат обвинувањата и објаснуваат дека материјалот е монтиран, манипулиран или е изваден од контекст. Претседателката на Народното собрание, Уршка Клакочар Жупанчиќ, чие име се споменува во снимките, ги отфрли обвинувањата како „целосна измислица“.
Група словенечки истражувачки новинари и израелски експерт за дигитални манипулации тврдат дека во скандалот е вклучена израелската приватна разузнавачка агенција Блек Kјуб. Нејзини претставници ја посетиле Словенија во ноември, декември и во февруари и, според истрагата, се сретнале со поранешниот премиер Јанез Јанша, чија СДС сега е една од водечките опозициски партии.
СДС на Јанша соопшти дека „прв пат слуша за оваа компанија“.
Блек Кјуб, основана во 2011 година, на својата страница опишува дека работела на 540 случаи во повеќе од 75 земји и на своите клиенти им помогнала да добијат вкупно 14,7 милијарди долари преку пресуди или вонсудски спогодби. Основачите се Дан Зорела, ветеран од тајна израелска единица за специјални операции и Ави Јанус, поранешен офицер за стратешко планирање. Претседател на агенцијата до својата смрт во 2016 година бил Меир Даган, поранешен директор на Мосад.
Словенечките новинари на прес-конференција истакнаа дека Блек Кјуб се служи со агресивни тактики, како тајни упади, следења и уривање на угледот. Случаите со висок профил ја вклучуваат улогата на Блек Кјуб во напорите на Харви Вајнстин да ги замолчи обвинителите преку измамнички операции. Новинарот на Младина, Борут Мекина, кажа дека Блек Kјуб користела методи за таргетирање на невладини организации и новинари во Унгарија пред парламентарните избори во 2018 и 2022 година. Во 2017 година се обидела да намами канадски судија да даде антисемитски изјави, а во 2016 година била ангажирана да собере инкриминирачки материјали за тогашната шефица на романската Канцеларија за борба против корупцијата, Лаури Ковеси, кој сега е шефица на Европското јавно обвинителство.

Отворена е и претпоставката дека Јанша и Израелците преговарале за поткопување на меѓународната политика на Словенија, која се истакна како првата членка на ЕУ што воведе ембарго за извоз на оружје за Израел, ја призна Палестина и им забрани влез на најекстремните министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич.
Поради скандалот, владата да го свика Советот за национална безбедност за да ги испита можните импликации врз националната безбедност преку странско мешање во изборната кампања. Поранешниот премиер Миро Церар сугерираше да се побара проценка од Уставниот суд дали аферата влијаела врз правичноста на кампањата.