Брус Дејсли, некогашниот највисок директор на Твитер вон САД, објаснува дека постои клучна разлика меѓу слепото следење на слободата на говор во САД и рамките кои британските закони ги имаат предвидено за слободата на говорот, која според нив не може да се користи за поттикнување криминалитет или ширење омраза.
Тој дава пример како (актуелниот кошмар на либералите) „хетеросексуални бели мажи“ го искористиле Твитер и слободата на говор за „агресивно да таргетираат големи делови од остатокот од општеството, вклучително жени, ЛГБТ заедницата и етнички малцинства“.
Откако го оценува денешниот Твитер како хаотично и опасно место, Дејсли објаснува дека истото може да се среди и да биде под контрола, преку воведување на бихејвиоријални норми како што тоа го направиле Инстаграм, Јутјуб или Тикток. А ова според него може да се направи ако платформите инвестираат пари во тоа, што на пример британската влада би можела да го контролира преку инспекции и задолжителни квоти на вработени во тие сектори.
Дејсли смета дека зад целото филозофирање околу заљубеноста во слободниот говор на социјалните мрежи, стои тоа што тој е многу поевтин отколку да спроведеш негова контрола.
Навраќајќи се на Маск, неговите твитови и начинот на кој го води Твитер, Дејсли проценува дека предложените бојкоти на платформата ниту некогаш вродиле, ниту некогаш ќе имаат резултати, а забрана на апликацијата те става на ист список со држави како Русија, Турција и Венецуела.
Наместо тоа предлогот кој доаѓа од поранешниот директор на Твитер е дека Маск и неговите колеги треба да бидат потсетени дека со нивните постапки можат кривично да одговараат пред британските закони.
„По мое искуство, таа закана од лични санкции има многу поголем ефект врз директорите отколку ризикот од корпоративни казни. Доколку Маск продолжи да придонесува кон немирите, налог за негово апсење може ќе предизвика лавина од негови твитови, но како меѓународен џет-сетер тоа ќе има и ефект на фокусирање на неговиот ум...
Постапките на Маск треба да бидат аларм за владата на Стармер да почне тивко да го регулира и да ја преземе контролата врз она што ние колективно се согласуваме дека е дозволено на социјалните мрежи,“ порачува Дејсли.