Иднината е сахарски горештини насекаде

Ова нема врска со коронавирусот, има врска со збирот на сите гревови што колективно ги имаме кон планетава во децениите претходно.

До 2070 една третина од глобалната популација ќе живее во екстремно високи температури денес карактеристични за најголемата пустина на светот, доколку се продолжи со степенот на загадување како од пред коронавирусот.

Бројките објавени во „Proceedings of the National Academy of Sciences“ се однесуваат на 20% од територијата на планетава, на која живее една третина од популацијата.

За истражувањето се користат податоци од пред 6.000 години, од кои научниците заклучиле дека човештвото може да се снајде со секакви нивоа на врнежи, и дека низ сето ова време луѓето живееле насекаде низ планетава освен во најсушните региони. Исто така како род сме се адаптирале на сите видови плодност на почвата. Единствен ограничувачки фактор за човек да може да се насели некаде е колку топло било таму.

Научниците заклучиле дека луѓето успеваат само во многу тесен температурен опсег, каде просечната годишна температура варира 11 до 15 степени Целзиусови. Токму во овој опсег растат и најдобрите земјоделски култури, а стоката е високо продуктивна.

Овој заклучок е прилично непријатен кога ќе се поврзе со сегашната состојба во Сахара (каде просечната температура варира повеќе од 29 степени), и тоа што истата таа разлика до 2070 се очекува да биде раширена низ светот.

Ако тргне работата во тој правец, речиси цел Бразил станува ненаселив, како и огромни делови од Блискиот Исток и Индија, а нема да куртулат ниту богати предели како југот на САД, делови од Австралија и медитеранска Европа.

Ако треба да се бара нешто позитивно во целата работа тоа е дека до крајот на векот, со оваа стапка на загадување, Сибир ќе биде феноменално место за живеење.

5 мај 2020 - 16:02