1-годишната студија ја прави тим истражувачи од непрофитната C4ADS и Универзитетот Тексас, кои откриваат дека секој пат кога Путин некаде ќе се појави ГПС уредите веднаш почнуваат да даваат неточни податоци.
Како пример се дава посетата на Путин на Крим кога во камион предводеше колона камиони и градежна машинерија што требаа да го минат мостот што го спојува полуостровот со Русија. За време на церемонијата бродовите закотвени во околината на мостот пријавиле дека нивните ГПС системи покажуваат дека тие се наоѓаат на 65 километри од локацијата, сред копно, на аеродром.
Едно од објаснувањата на истражувачите за лажирањето е дека тоа е направено за Путин и останатите високи руски функционери да се заштитат од напади или прислушување од дронови што работат на ГПС. Од друга страна слабоста на заштитувањето на Путин во ваков ГПС балон е што аномалијата инстантно ја открива неговата локацијата и може да служи како Путин детектор.
Тимот идентификува слична опрема што руската војска ја користи во Сирија, која емитува сигнал што комплетно ги блокира ГПС уредите на авионите и со тоа ги прави системите неупотребливи. Истиот овој систем е употребен и за време на руските воени вежби во Европа, кога Норвешка и Финска пријавуваат масовно гасење на ГПС кое неколку денови влијаело на навигацијата на цивилните авиони и на телефонските мрежи.