Основата по која војската ќе уништи 77.000 тони опрема е дека таа повеќе не е потребна или дека би било прескапо истата да се врати во САД.
Станува збор за речиси 20% од целата опрема што американската војска ја има во Авганистан, а најголемиот дел од сето ова ќе биде уништено и ќе заврши на депониите во земјата, бидејќи е премногу компликувано истата да им се поклони на тамошните власти. Доколку некој сојузник сака да земе дел од опремата на Американците, тој ќе треба таа да ја собере директно од Авганистан.
Меѓу најголемите "жртви" се MRAP оклопните возила (Mine-Resistant Ambush Protected) кои Пентагон почна да ги изработува во 2007-ма за заштита од бомби на патиштата во Авганистан. Пентагон одлучи дека 2.000 од 11.000 MRAP возила што ги има во земјата повеќе не му се потребни и ќе завршат на отпад. Едно вакво возило чини 1 милион долари.
Објаснувањето на Пентагон е дека без разлика како од надвор изгледа оставањето на 7 милијарди долари функционална опрема, тоа сепак е дел од "фискално одговорна, внимателно планирана" операција за повлекување.
До мај 2013-та американската армија во Авганистан имала испорачано опрема во вредност од 25 милијарди долари. Околу 76% од оваа опрема ќе биде вратена. Транспортот ќе чини меѓу 2 и 3 милијарди долари, а кога опремата ќе биде пренесена во САД нејзината поправка ќе чини дополнителни 8 до 9 милијарди долари.