Германија нема потрошено ни едно евро од ветените 100 милијарди за одбрана

Како што Шулц најави пред една година, така германскиот парламент и го изгласа пакетот од 100 милијарди евра за инвестирање во и унапредување на германската армија. Од тогаш не само што не е вложено едно евро од ветените пари, туку Германија моментално располага со помалку оружје отколку што имаше пред почетокот на руската инвазија.

На 27 февруари минатата година, Шулц доби стоечки овации кога во парламентот вети дека Германија конечно ќе го исполни таргетот за одделување на 2% од БДП-то за НАТО, и плус одвојување на 100 милијарди евра за специјален фонд за армијата.

Нешто повеќе од една година подоцна претседателката на парламентарната комисија за германските вооружени сили, Ева Хугл изјави:

„За жал морам да забележам дека во 2022, ниту едно евро или цент од овој специјален фонд е потрошен.“

Претставувајќи им го годишниот извештај на германските пратеници, Хугл порачала дека германските вооружени сили имаат „премногу малку од сè - дури и помалку отколку на 24 февруари 2022.“

Таа дополнила и дека германските касарни се во „жална состојба“, а некои немаат ни „функционални тоалети, чисти тушеви... спортски терени под затворено, кујни, депоа за муниција и оружарници.“

21 март 2023 - 11:05