„Се проценува дека 20.000 цивили и над 100.000 украински војници до сега се убиени,“ ќе изјави претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен.
Веднаш по изјавата се активираат сите аларми во Киев, по што Фон дер Лејен го повлекува видеото, прават нова верзија без делот со бројот на украински жртви и одново го објавуваат.
Бројката на Фон дер Лејен е крајно проблематична за Киев, бидејќи официјалниот број на загинати никогаш не е објавен, а неофицијалната цифра која ја споменуваат луѓето блиски на власта е околу 10.000 загинати украински војници за 9 месеци војна.
Наспроти ова украинското министерство за одбрана секој ден објавува извештај за загинати руски војници и уништена руска опрема и оружје. И по нивниот есап руската војска уште нема стигнато до 100.000 загинати и (на 30 ноември) беше нешто под 89.000
Во меѓувреме портпаролот на вооружените сили на Украина порачува дека бројката на Европската комисија не може да ја потврди и нагласува „дека бројот на загинати припадници на украинската армија е доверлива информација“ која не можат да ја објават.
Истото го изјавува и портпаролот на Зеленски, според кого оваа информација може да биде објавена само од министерот за одбрана или од претседателот.
Портпаролката на Европската комисија Дана Спинант потврди дека изјавата на Фон дер Лејен е избришана и дека на интернет е објавена нова верзија на видеото:
„Голема благодарност до оние кои ги посочија неточностите во однос на бројките од претходното видео.
Проценката што се користи, од надворешни извори, се однесува на убиени и ранети, и треба да ја покаже руската бруталност.“
Остатокот од говорот на Фон дер Лејен беше поздравен од Киев, посебно делот во кој таа порачува дека Москва мора да плати отштета за над 600 милијарди евра штета што ја има причинето во Украина.