Главната британска енергетска компанија ЕДФ ќе плати казна од рекордни 4,5 милиони фунти откако тамошното регулаторно тело Офгем утврдило неправилности во односот на компанијата кон корисниците.
Според Офгем, продажните агенти на ЕДФ не им давале целосни информации на своите клиенти со што ги доведувале во заблуда околу нивните договори и тарифни планови. Со тоа, според регулаторот, се прекршени правилата од концесионерскиот договор кој го има ЕДФ и затоа треба да плати казна.
Двете страни договориле најголем дел од парите да одат директно кај социјално најзагрозените домаќинства кои едвај ја преживуваат економската криза.
"Разочарани сме што не успеавме да ги постигнеме високите стандарди кои ги очекуваме од себе," културно соопштија од компанијата.
Британскиот секретар за енергетика Едвард Дејви соопшти дека е ова добар пример за независен регулатор кој презема вистинска акција за да ги заштити правата на потрошувачите.