Ердоган испадна ербап

Утрото не осамна ведро за оние кои ноќта се обидоа со воен удар да го срушат Ердоган. Тој е во Истанбул, војниците се предаваат, лојалните вооружени сили ја преземаат контролата врз земјата и масовно апсат лица вклучени во превратот. Утрото не осамна никако за неколку десетини луѓе, меѓу кои има и цивили, кои загинаа во пучот.

Во Турција е задушен обидот за преврат кои го изведоа делови на турската армија. На улиците беа извадени тенкови, беа блокирани мостови и институции, војници упаѓаа во телевизии, се пукаше и на земја и од небо. Но, вооружените сили кои останаа под команда на цивилните власти успеаа да ја вратат контролата врз ситуацијата.

Извршена е диверзантска акција на Воената команда во воздухопловната база близу Анкара во која е ослободен началникот на армискиот генералаштаб кого пучистите го држеа како заложник и тој е одведен на  непозната локација. Бидејќи неговата судбина беше неизвесна, во меѓувреме за командант на вооружените сили беше именуван друг генерал.

Ноќта пучистите влегоа во државната телевизија и издејствуваа да им биде прочитано нивното соопштение. Водителката која го стори тоа, подоцна рече дека читала со вперена пушка во неа. Војници влегоа и во турскиот CNN но таму наишле на отпор, имало пукање и веројатно едно лице е загинато.

Ердоган кој за време на воениот удар се наоѓаше во Мармарис, го прекина одморот, се врати во Истанбул и најави дека предавниците најостро ќе бидат казнети. Непосредно по неговото заминување од Мармарис, хотелот во кој престојувал бил мета на воздушен напад од хеликоптери.

Агенцијата Анадолија како главен изведувач на ударот го именуваше полковникот Мухарем Куса а според Ердоган, се работи за паралелна структура зад која стои Фетула Гулен, влијателен исламски авторитет кој живее во егзил во Пенсилванија.

Некаде во 8 часот наутро извештаите зборуваат за 90 мртви. Приведени се преку 1.500 војници кои се придружиле на воениот удар. Некои од нив тврдат дека мислеле дека се работи за вежба и не знаеле што се случува се додека не биле нападнати од граѓани.

САД и ЕУ им дадоа недвосмислена поддршка на демократски избраните институции во земјата.

16 јули 2016 - 09:35