Франс-прес ја пренесе веста за Тошифуми Фуџимото, 45-годишниот камионџија, кој своето слободно време решава да го мине фотографирајќи во една од најопасните воени зони на планетава.
Тошифуми е облечен во униформа на јапонската армија, со себе носи неколку големи фото-апарати и постојано е со бунтовниците. Тој целото патешествие го плаќа од свои пари, воопшто не зборува арапски, а во целото пукање не носи ниту шлем ниту панцир.
Иако целата приказна звучи како да се работи за некој зависник од адреналин, сепак зад сето ова стои длабока тага и самоубиствени тенденции.
"Фуџимото е разведен и вели 'немам семејство, немам пријатели, немам девојка. Сам сум во животот.' Тој има 3 ќерки кои не ги видел 5 години 'ниту на Фејсбук или на интернет, ништо. И тоа сериозно ме нажалува,' објасни додека си ја бришеше солзата. Затоа купил полиса за животно осигурување и 'секој ден се молам нешто да ми се случи, за моите ќерки да можат да ја добијат осигурителната премија, и да можат удобно да живеат,'" пишува во сторијата на Франс Прес.