Држава на 2024 година е...

Секој декември The Economist избира држава на годината. Победникот не е најбогатата, најсреќната или најдоблесната земја, туку онаа што најмногу се подобрила во претходните 12 месеци. Овогодинешниот победник има 175 милиони жители. Ние ни со два милиони, со години не можеме да се оправиме.

Меѓу претходните победници беа Колумбија (за ставање крај на граѓанска војна), Украина (за отпорот на руската инвазија) и Малави (за демократизација).

Лани титулата ѝ ја доделија на Грција за извлекување од долгата финансиска криза и реизбор на - според нивна политичка проценка -  разумна центристичка влада.

Во потесниот избор оваа година - исто така силно политички обележан - биле пет држави. На пример Полска, затоа што ЕУ-френдли владата на Доналд Туск пробувала да ги намали штетите од претходните власти. 

На околу 10.000 километри подолу, Јужноафриканците исто така се бореле за подобро. На изборите во мај, Африканскиот национален конгрес (АНЦ) за првпат го загуби своето парламентарно мнозинство, откако владееше од крајот на апартхејдот во 1994 година. На гласачите им било преку глава од економскиот неуспех, па АНЦ мора да владее коалиционо, одбирајќи го за партнер Демократскиот сојуз, либерална партија која умешно менаџираше неколку градови.

За економски реформи, во потесниот избор влегла Аргентина поради сериозните реформи на Хавиер Милеи кои резултираа со скротување на инфлацијата и балансирање на буџетот (види: Милеи постигна буџетски суфицит).

Сирија во фото-финиш се изборила за вице-шампион, заради соборувањето на Башар ал Асад. Во последните 13 години, во тамошната граѓанска војна и деспотското владеење загинале можеби и 600.000 луѓе. Сега контролата ја имаат ХТС, некогашна  филијала на Ал Каеда. 

Победник е - Бангладеш.

Таму исто така беше соборен автократ. Во август, улични протести предводени од студентите ja принудија на повлекување Шеик Хасина, која 15 години владееше со земјата со 175 милиони жители. Ќерка на херој од независноста, таа некогаш го предводеше брзиот економски раст, но стана репресивна, местеше избори, ги затвораше противниците и наредуваше да се пука во демонстрантите. Се сомничи за грабеж на огромни пари.

Привремената технократска влада, предводена од Мухамед Јунус, добитник на Нобеловата награда за мир, е поддржана од студентите, армијата, бизнисот и граѓанското општество. Го врати редот и ја стабилизираше економијата. Иа уште огромна работа, да се справи со исламскиот екстремизам, да ги поправи односите со Индија, да обезбеди независно судство.... но, за ова досега, Економист им симнува капа.

21 декември 2024 - 18:48